Ревизорите утврдија неправилности во начинот на користењето на јавните средства во Министерството за образование

Со ревизијата утврдено е дека и по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентските кредити доделени во периодот од 1998 до 2010 година, во износ од приближно 18.000.000 евра

од Nikola Popovski
21 прегледи

Со извршената ревизијата на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на МОН за 2023 година утврдени се слабости во управувањето со капиталните инвестиции, недовршени објекти и неизвршени технички прием, несоодветно користење на средства за учебници за основно образование, како и ненаплатени побарувања по основ на студентски кредити стари повеќе од една деценија

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Министерство за образование и наука (МОН) на сметката на основен буџет, сметките за средства од буџет на заеми од Светска банка – Проект за унапредување на основното образование и Банката за Развој при Советот на Европа – Проект за изградба и опремување на 145 училишни сали и рехабилитација на училишни објекти, како и на сметката за буџет на донации – средства од Европската комисија во рамки на Програмата на ЕУ – Хоризонт Европа, за 2023 година.

Утврдени се  состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на издаденото неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на сметката на основен буџет, како и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики.

Со ревизијата утврдено е дека и по повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на побарувањата по основ на студентските кредити доделени во периодот од 1998 до 2010 година, во износ од 1.106.023 илјади денари, односно приближно 18.000.000 евра, евидентирани како „Долгорочни кредити и позајмици дадени во земјата“.

Во однос на Програмите за изградба и реконструкција на основни и средни училишта за 2023 година, утврдено е дека се реализирани без утврдени цели, приоритети и индикатори на успешност. Дополнително, не бил уреден начинот и постапката за распределба на буџетските средствата, ниту критериумите врз основа на кои бил извршен  изборот на проекти за изградба и реконструкција на училишни објекти.

Слични слабости се утвредени и во реализацијата на капиталните проекти во високото образование.  Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово изграден со буџетски средства во вкупен износ од 212.407 илјади денари (3.450.000 евра), е пуштен во употреба без извршен технички преглед на градбата и без одобрение за употреба на објектот.  Исто така,  набавената опрема за кујната во домот поради не изведената вентилација не е ставена во употреба, што значи дека и покрај вложените средства, дел од објектот не може функционално да се користи за намената за која е предвиден.

Во 2023 година, за стипендии на студенти запишани на еден од првите 100 универзитети во странство биле исплатени средства во износ од 179.852 илјади денари (2. 920.000 евра). Со ревизијата беше утврдено дека не постои воспоставен систем за ангажирање на овие лица по завршувањето на студиите, со што не се обезбедува ефекасно користење на вложените средства за оваа намена.

Исто така, поради курсните разлики, во 2023 година бил исплатен поголем износ за уписнини за 66 студенти, во висина од 3.801 илјади денари, бидејќи пресметката и исплатата не е извршена согласно договорите помеѓу МОН и студентите, односно уписнината била пресметана по курсот на денот на исплата, а не по курсот на денот на објавување на конкурсот. Во 2025 година се започнати активности насочени кон надминување на овие утврдени состојби.

Во рамки на проектот Превод на 500 стручни, научни книги и учебници од врвните универзитети во САД и Англија, како и од областа на правото во Франција и Германија, за кои во периодот од 2012 до 2021 година се исплатени средства во вкупен износ од 814.763 илјади денари, приближно 13.250.000 евра, ревизијата утврди значајни недостатоци во управувањето со набавените книги. Имено, книгите сè уште не се дистрибуирани до државните органи, не се води целосна евиденција за прием и издавање на книгите од магацин, ниту е извршен редовен попис. Дополнително, условите за чување се несоодветни, што довело до оштетување на дел од книгите поради влијанија од влага и температурни промени.

Ревизорите утврдија слабости и во спроведувањето на постапките и реализацијата на договорите за јавни набавки за капитални инвестиции на Државниот студентски дом „Тетово” во Тетово, Средното Стручно Образование и Обука ,,Ванчо Питошески”, Охрид и ОУ „Мирче Ацев“ – с. Лажани, кои се реализирани преку сметката на основен буџет и сметката за средства од буџет на заеми – Проект за изградба и опремување на 145 училишни сали и рехабилитација на основни и средни училишта.

Со ревизија на набавките за превод, стручна редакција, графичко и техничко уредување на учебници за основно и средно образование за учебните 2022/2023, 2023/2024 и 2024/2025 години, утврдено е дека учебниците на македонски јазик, откако еднаш биле графички и технички уредени, по преводот на четирите јазици повторно се уредуваат.  Цената по страница за оваа услуга е повисока од онаа за превод, лектура и редакција.

Исто така, иако учебниците кои МОН ги доставува на економскиот оператор на стручна редакција, графичко и техничко уредување веќе биле уредени од авторите (особено кај ракописите/учебниците за основно образование), операторот наплатува по број на страници според договорената цена од јавната набавка, наместо само за реално уредените страници, што води до несоодветно трошење на буџетски средства. Ваквата пракса се применува со години, бидејќи МОН делувал како издавач иако нема регистрирана издавачка дејност. Со новиот Закон за учебници во основно и средно образование, донесен во јануари 2025 година, се преземени мерки за надминување на овие состојби.

За набавките во делот на консултантски услуги во рамките на сметката за средства од буџет на заеми – Проект за унапредување на основното образование кои се спроведуваат по правила на Светска банка, во услови на недостиг на мерила и конкурентни финансиски понуди ревизијата не беше во можност да се увери во висината на надоместoците на консултантите и дали извршените услуги обезбедуваат целосна вредност за парите.

Ревизорите во делот за останати прашања укажуваат дека законската регулатива не ги дефинира јасно критериумите за утврдување на висината на платите на посебните советници во јавниот сектор, како и дека учебниците по странски јазици за основно образование не се обезбедени во последните шест години, што негативно влијае на квалитетот на образованието и го отежнува наставниот процес.

Утврдени се и слабости во системот на внатрешни контроли, особено во процесот на плаќање, како и недоволна кадровска екипираност на Одделението за внатрешна ревизија, што дополнително го зголемува ризикот од неправилности и несоодветно користење на буџетските средства.

За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.