Македонија ја пречека Бугарија на арената „Тодор Проески“ во последното коло од Ц сегментот од Лигата на нации. Гостите победија со 1:0 во натпревар кој немаше натпреварувачко значење, но секако имаше набој, како и се што е поврзано со односите на нашите две соседни земји и народи. Тензиите се видоа уште при интонирањето на бугарската химна пред натпреварот, која речиси и не можеше да се слушне од свирежите. Покрај тоа, имаше непријатни моменти и на самиот терен, каде што беа прикажани 8 жолти картони и еден црвен, што се прелеа на трибините, од каде што имаше погрдни скандирања и говор на омраза.
Бугарските власти и политичари го осудија ваквите настани на нашиот најголем стадион. Европратеникот Асим Адемов во разговор за „Локално“ вели дека е крајно револтиран од односот на македонските фудбалски фанови.
-Ја исвиркаа химната на нашата земја и цело време не престанаа со навредливите квалификации кон Бугарија. Да се потсетиме на натпреварот помеѓу Бугарија и Северна Македонија во Разград пред извесно време имаше пријателска атмосфера и немаше непримерно однесување на бугарските навивачи, како што имаше од страна на македонските пред два дена, критикува Адемов.
Според него, поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, кој за Адемов е еден од најголемите поддржувачи на европската интеграција на Северна Македонија, со право истакнал дека на тој начин се демонстрира непознавање на европските вредности и нема место за такво прикажување на омраза.
Бугарскиот европратеник смета дека дел од македонските медиуми го поддржуваат ваквото однесување на македонските фанови и граѓани.
-Доколку граѓаните на Северна Македонија, поддржани од некои медиуми, продолжат со ваквото антиевропско однесување, сигурно земјата ќе има проблем на својот пат кон евроинтеграциите. И доколку не се направат напори од страна на граѓаните, институциите, медиумите да се искорени овој говор на омраза против Бугарија, патот до полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ ќе биде доста, доста долг и тежок, дециден е Адемов.
Аналитичарот и адвокат по професија, Паскал Гонов смета дека однесувањето на дел од публиката и скандирањата на дел од фудбалските фанови го расипаа расположението на многумина кои очекуваа мечот меѓу Македонија и Бугарија да биде фудбалски спектакл.
-Јас бев меѓу тие разочарани фудбалски фанови. Всушност, нивото на фудбалот, свирежите од толпата, недостатокот на почит кон противникот и целокупната атмосфера беше на ниво на натпревар од селските лиги. Всушност, ситуацијата е страшна, вели Гонов во изјава за „Локално“.
Тој ја критикуваше реакцијата на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов.
-Во таа насока, „духот на моментот“ го инспирираше поранешниот премиер Борисов да си побара место и улога во овој „театар на апсурдот“. Така, тој се вклучи во заситувањето на настанот со пропагандни клишеа и означување на линијата на фронтот меѓу европските вредности против фудбалските слогани „Бугарите-Татари“ против „Титовелешаните“, „Циганите“ против „селјаци“, фашистите против комунистите. Комплетна лудница, порача Гонов, при што додава:
-Односот меѓу „Бугари-Татари“ и „Северџаните“ е однос меѓу човекојадци. Каква иднина имаат? Од животна гледна точка – никаква. Другите работи се важни – Борисов и фудбалските „љубители“ не можат да го засенат настанот во Брисел организиран од Маричиќ и Ќучук или средбата во Крива Паланка на „Коридор 8“ или претставувањето на Пловдивскиот театар на XIX Меѓународен фестивал на античка драма „Стоби“ во Велес.
Аналитичарот жали што говорот на омраза е неизбежен и ќе остане и понатаму, како што вели „до смртта на последниот човекојадец“.
-Моето очекување е дека двете земји ќе направат сериозни напори за да се осигураат дека оваа смрт ќе се случи што е можно поскоро. Тоа нема да биде само казни за лошите. Потребна е МАСОВНА културна размена, ПОВЕЌЕ програми за ученици и студенти, МЕСЕЧНИ младински фестивали, а зошто да не и ЗАЕДНИЧКИ меѓудржавен центар за финансирање на телевизиски и филмски продукции. А почитувани граѓани, а не селјаци, што велите за ЗАЕДНИЧКИ институт за заштита на спомениците на културата?, прашува Гонов.
Н.П.