Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, се огласи на социјалните мрежи откако вчера не успеа да влезе во вториот круг на локалните избори. Таа порача дека „резултатот не е оној што го посакувавме, но сепак горда сум на кампањата што ја водевме, чесно, транспарентно и со јасна визија за развој и подобар живот за сите жители на Скопје“.
Шукова им заблагодари на граѓаните што излегле на гласање, а на кандидатите кои продолжуваат во вториот круг им посака фер, достоинствен и демократски натпревар.
Во главниот град ќе се одржи втор круг од локалните избори, каде скопјани ќе го избираат новиот градоначалник меѓу Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ. Тие освоија најмногу гласови во првиот круг и ќе се соочат во финалната изборна трка.
Според податоците на Државната изборна комисија, по обработени 99,92% од избирачките места, за Ѓорѓиевски гласале 91.582 гласачи (39,43%), додека за Мециновиќ 30.659 гласачи (13,20%).
По нив следуваат Башким Бакиу од ВРЕДИ со 27.864 гласа (12,00%), Каја Шукова со 26.714 гласа (11,50%) и Скендер Реџепи од НАИ со 26.062 гласа (12,22%).