Рисима Рисимкин и Скопје танцовиот театар ја испишуваат историјата на современиот танц

од Берта Китинска

Во годината во која одбележува јубилеј од една деценија постоење, Скопје танцовиот театар и Рисима Рисимкин продолжуваат да испишуваат историја. На покана на светски познатиот национален театар „Шајо“ (Chaillot) од Париз, Франција, македонските танчери предводени од кореографката Рисима Рисимкин, во март, 2022 година, ќе ја одиграат париската премиера на „ИДЕНТИТЕТИ – Историја на еден растегнат сон“ во салата Фирмен Жемие.

Најавата за премиерата во Франција ја пишува Филип Нуазет, еден од најдобрите светски теоретичари и критичари за танц, кој вели „….Среќа е кога се откриваат нови територии на танцот. Така Рисима Рисимкин ја става Македонија на европската кореографска карта….“

Сезоната 2021/2022 во Шајо е најавена како „Уметност на сврзувањето“ и во неа, на „театaрот на ридот“, во срцето на Париз, ќе се претстават 39 претстави со 246 изведби, со извонредни кореографски имиња, помеѓу кои и Матилда Монтие и Батшева танцова компанија на Охад Нахарин, со цел да се презентира оригиналnоста и различноста, која на париската публика, како и светската која го посетува „Шајо“ ќе им овозможи да вкусат дел од сонот кој овие кореографи танчери го произведуваат како одговр на општеството; тие „ќе се нурнaт надвор од европските граници…за да уживаат во претставата на Скопје танцовиот театар“ која Нуазет ја карактеризира како „изигрување на стереотипите, за да прикаже слободен танц“.

„Рисима Рисимкин пишува со гестови кои се уникатни и интензивни“ вели светски реномираниот критичар Филип Нуазет и ја најавува „ИДЕНТИТЕТИ“ како „визит-карта на една уметница со веќе богата креативна кариера и би требало да изненади многумина. Во контекст на тековната криза, Рисима Рисимкин сака да го преиспита изразот на движењето. Во „ИДЕНТИТЕТИ“ нема допирање, но се споделува овој свет, оставен сам на себе, понекогаш солидарен. Рисимкин се прашува што може да нѐ спаси. Убавината? Веројатно. На сцената ќе сретнеме една танчарка-лебед, неверојатни суштества на потпетици, магични паради. …. „ИДЕНТИТЕТИ – Историја на еден растегнат сон“ наликува на мечтаење.“, завршува тој.

Претставата „ИДЕНТИТЕТИ- Историја на еден растегнат сон“ се изведе минатата година во рамки на фестивалот Охридско лето, по повод одбележување на 30 години јубилеј кореграфска работа на Рисимкин, а во оригиналната постава на претставата се појавија танчерите на Скопје танцовиот театар: Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Бобан Русески, Валентино Апостоловски и Исидора Краљавска, а гостин во продукцијата беше и примабалерината на МОБ Мими Поп-Алексова. Продукцијата е на културниот центар Интерарт, позади извонредната музика за претставата се потпишува Тони Китановски, костимографијата е на Благој Мицевски, а зад сценографијата и светлото стои Матеа Мијановиќ.

Слични содржини