Ристановски: Пет пати ме одбиваа на приемен на Драмски, привилегија е да се биде на ова место

од Stefanija Kuzmanovska
243 прегледи

Имав на ум сериозна професија, архитектура. Но, тоа едноставно не се случи, којзнае зошто. Бев на приемен испит, но глумата ми се случи како моментална импресија. Веројатно се занимавам со глума затоа што четири-пет пати ме одбиваа на приемен испит. Да ме прифатеа веднаш, веројатно немаше ни да се занимавам со неа, ќе сфатев дека постои нешто друго, вели во интервју за „ТВ новости“ еден од најуспешните македонски актери, Никола Ристановски.

-Само се запрашав „Што е Боже, тоа што толку не ми го даваат?“, а потоа човек почнува да размислува, а секако проработува и малку инает. После тоа веќе немаше враќање назад. Кога конечно успеав да ја завршам академијата, доста брзо почнав да работам. Бев среќен поради тоа и така поминаа 30 години, раскажа Ристановски.

Голема привилегија е да се биде на ова место и во ова време. Немаме резервни животи, додава актерот.

-Ова е наше време, немаме резервно, ова се нашите околности, ова е нашата клима. Се разбира, човек ќе се запраша во животот, но не треба премногу често. Некако отсекогаш мислев дека е важно човек да си ја работи својата работата, а можеби тоа е некоја моја догма. За мене е важно секој човек да си ја работи својата работата најдобро што може. И Чехов во сите свои драми вели: „Треба да се работи“, наведе Ристановски.

Тој во интервјуто објаснил дека работата му носи мир.

-Имам нормални, секојдневни обврски, семејство, работа и работно време. Ништо повеќе од тоа, но можам да видам дека сето тоа има некаква смисла заедно. И нема голема филозофија. Ниту се одвраќам од работа, ниту се одвраќам од нешто друго, едноставно мојот ден го содржи сето тоа, како и кај секој кој се труди да живее нормално, заклучува македонскиот актер.

Слични содржини