Советникот на СДСМ во Советот на Општина Аеродром, Милутин Ристески денеска јавно праша дали Општината е дел од пирамидална тендерска шема вредна 11 милиони евра. Ова следува по, како што вели, скандалот што СДСМ го обелодени преку својот антикорупциски тим пред повеќе од две недели, при што една иста градежна компанија, во општини на територија на државата, добила 51 јавна набавка за разноразни градежни работи.
Според Ристески, станува збор за една фирма која очигледно е „универзална“. Вкупната вредност на тие 51 набавка изнесува 16 милиони евра.
-Од нив, 22 јавни набавки, во вредност од околу 11 милиони евра, се доделени од страна на Општина Аеродром. За луѓето што работат со проблематиката на јавните набавки, ова е податок што вклучува аларм дека можеби станува збор за фаворизирање на оваа фирма при спроведувањето на постапките за јавни набавки.
СДСМ ги повика Финансиската полиција, Државната комисија за спречување на корупција, како и Јавното обвинителство, да преземат мерки во однос на овој случај — да ги испитаат овие сомнежи, за што реално се потребни овластувања на органи што се занимаваат со истраги, за да може прецизно да се утврди дали оваа фирма е фаворизирана во постапките за јавни набавки или не, посочи советникот.
Ристески праша и дали досега Финансиската полиција, Државната комисија за спречување на корупција или Јавното обвинителство побарале какви било документи од Општина Аеродром, поврзани со овие 22 јавни набавки во изминатите четири години.