Ристески од Партијата на пензионери: Барањето за покачување од 3500 денари е огромна пара, замислете Фондот да им даде на сите!

од Nikola Popovski
2,1K прегледи

Голем дел од пензионерите во државата се кренаа и излегоа на протести, незадоволни поради ниските пензии Вчера скопските пензионери порачаа дека нивниот протест е егзистенцијален, а не политички обоен. Имаат повеќе барања, меѓу кои главните се покачување на минималната пензија, односно таа да биде барем во висина на минималната плата. Исто така бараат линеарно покачување од 3500 денари за сите пензионери. Сметаат дека нема зошто повеќе да се прави категоризација на висината на покачувањето. Најавија масовни протести на сите пензионери на 14 август во Скопје доколку не се исполнат нивните услови.

Барањето за линеарно, а не процентуално зголемување е неиздржано затоа што пензијата е економска категорија. Вака во разговор за „Локално“ вели универзитетскиот професор и член на Партијата на пензионери, Темелко Ристески. Објаснува дека е осигурување за кое што граѓанинот плаќа односно му запираат одреден износ на име на придонес за пензиско и инвалидско осигурување.

Граѓанинот плаќа негови пари во зависност од висината на платата и толку и треба да добие во форма на пензија. Изедначувањето на пензиите не е во согласност со уставното право на заштита на правото на сопственост. Парите што странката ги дава во Фондот – тоа се мои пари. Не смееме да одиме во поглед на изедначувања, истакнува Ристески.

Ристески смета дека на прв поглед звучи правично, но не е правично тој што вложувал повеќе да добие исто со оној кој што заработувал помалку. Дециден е дека со оглед на економскиот карактер на осигурувањето не се издржани барањата.

За побараната сума од 3500 денари од пензионер, соговорникот вели дека е премногу.

3500 денари е огромна пара. Замислете кој издаток е тоа за Фондот да даде на сите по 3500 денари. Не очекувам толкаво зголемување, туку нешто за 1000 денари помалку, ни рече Ристески.

Сепак се надева дека може да дојде до некое решение со Министерството за труд и социјална политика.

Се наоѓаат меѓу решенија. Загрозените категории на пензионери се помагаат со механизми на социјална помош и додатоци. Може евентуално на најзагрозените пензионери да им се даде плус износ, но не линеарно усогласување. Тоа е противуставно. Парите се на осигуреникот и треба да му се вратат во форма на пензија, подвлекува членот на Главниот одбор на Партијата на пензионери.

Ристески сепак очекува протестите на пензионерите да вродат со некаков плод. Се согласува дека треба да се бара некое чаре за загрозените пензионери кои навистина имаат ниски примања.

Дали со бесплатно лекување итн. Сепак да има од што да преживуваат. Ќе дадат резултатите протестите. Ако граѓаните не се задоволни, власта е таа која што треба да го цени тоа и да презеде одредени мерки за да не дојде до повторно незадоволство на граѓаните, порачува професорот.

Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на  новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50% пораст на просечната плата и 50% пораст на трошоци на живот, пензиите пораснаа за околу 21 %. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8%, второто во март 2023 година  – 8.4% и моменталната проекција за септември 2023 година- најмалку 6 отсто.

Од МТСП вчера порачаа дека пензионерите се приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Нагласуваат дека предлозите се на маса, се дискутира за истите и во најскоро време ќе продолжат со промоција на нови мерки и пакети кои ќе осигурат достоинствен живот на пензионерите и понатаму.

За разлика од пензионерите со најниски пензии кои се 25% од вкупниот број на пензионери во земјава, процентот на пензионери кои уживаат во најголемите пензии е само 0,4 отсто. Највисоката пензија во државата во декември 2022 година изнесувала 64.394 денари, а корисници биле 74 пензионери. Оваа група на пензионери во март доби зголемување за 4.507 денари и сега пензиите им изнесуваат најмалку 68.901 денари.

Најсиромашните пензионери, кои се вбројуваат во групата на минимални пензии во износ од 11.535 денари, а која ја примаат 45.977 пензионери, со мартовската пензија добија зголемување од околу 807 денари, односно пензијата им изнесува 12.342 денари.

Н.П.

Слични содржини