Ристески од ВМРО-ДПМНЕ: За педерите, лезбејките и ЛГБТ сите се наредивте, кога протестираа тутунарите никаде ве немаше

од desk4
726 прегледи

Паднаа тешки обвинувања на адресата на власта од страна на опозицијата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство. Лицемерие, купување на изборни поени и  „гола“ политика, беа само дел од репертоарот на опозицијата.

-За педерите, лезбејките и ЛГБТ заедницита, сите се наредивте, кога протестираа тутунарите никаде ве немаше. Да не тераме „гола“ политика туку да излеземе со вистинска поддршка на измачените луѓе – тутунарите, рече пратеникот на ВМРО – ДПМНЕ, Петар Ристески, на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, на чиј дневен ред беше Предлог на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството и откуп на тутун, по скратена постапка. Ристески обвини дека власта не го исполнила ветувањето за зголемување на цената на тутунот.

Минстерот за земјоделство Аријанит Хоџа во реплика кон пратеникот нагласи дека во неговиот говор имало повеќе политика и омраза, отколку решенија за проблемот на тутунопроизвовдителите. Хоџа рече дека со овој Предлог закон, владата го исполнила ветеното.

-Не сакам да влезам во дебата, опозиција – позиција. Владата ги направи максималнте напори. Не е точно дека било ветено 185 денари по килограм тутун. Ветено е дека ќе се стигне до цена над 180 денари. Точно е дека со Предлог-законот, што денес го предлагаме со додавањето на три денари за втора класа, и додавањето на 16 денари за трета и четврта класа, значи дека втората класа, која беше 202 денари ќе премине на 205 днеари, а третата од 155 на 181 денари. Со додавањето на овие средства просечната цена, не земајќи ги во предвид субвенциите, ќе надмине 180 денари. Сакам пред јавноста да разјаснам,  дека со ова,  тоа што сме го ветиле, сме го исполниле, рече Хоџа.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Здравко Трајанов предложи комисиски амандман со кој во во чл. 4 точка 1, зборовите „три денари“ да се заменат со „15 денари“, и во истиот член 4 точка 2 зборовите „16 денари“  да се заменат со „25 денари“. Тој смета дека само така вистински ќе им се помогне на тутунарите.

Според пратеникот на СДСМ Диме Велковски, Владата за тутунарите одделува плус пет милијарди евра.

-Владата не зема туку доделува пари. Кажавме дека 165 денари е помала цена од претходните три години наназад. И ако се сеќавате таа цена била 216 денари, 217, 219. Рековме „да не се повтори оваа година во која имавме ковид криза“. Но, имавме примери кога државата не реагирала со финансиски средства, а цената била помала од 165 денари. Увозот на тутун, во 2016, 2017, 2018 година , е за шест пати помал од увозот на тутун во претходните 2012, 2013, 2014,2015 година. Тоа се бројките, рече Велковски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека на пленарната седница ќе го поддржи Предлог законот за тутунарите. Предлогот на закон за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Ковид 19 врз производството и откуп на тутун, е проследен на понатамошна собраниска постапка.

Б.Т.

Слични содржини