На новинарско прашање за измените во Законот за угостителство, заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, одговори дека последните промени во законот биле направени во 2008 година и ги нарече „регулаторни гилотини“. Тој истакна дека овие измени вклучиле олеснување на процесот за издавање лиценци за угостителски објекти, што, според него, не требало да се спроведе на тој начин.
„Сите овие објекти имале одредени проблеми во своето работење, но законот е таков каков што е. Голем проблем е што процесот бил оставен на совесноста на самите апликанти при поднесувањето на документите, како и на совесноста на вработените, кои треба да проверат дали документите се веродостојни“, изјави Ристески.
Според него, новите измени ќе воведат построги критериуми, вклучувајќи формирање комисија слична на оние за хотели и ресторани, која ќе ја следи целата постапка за издавање лиценци, но и целокупната процедура за работа на ноќните клубови. Ристески нагласи дека е предвидено во комисијата да бидат вклучени повеќе институции, како што се ДСЗИ, ДПИ, МВР, општините и други надлежни органи.
„Со новиот закон ќе бидат воведени построги критериуми, а една од предложените мерки е создавање комисија, слична на оние за хотели и ресторани, која ќе прави проверка на техничките услови на клубовите. Ова ќе биде една од клучните точки во новиот закон“, изјави Ристески, додавајќи дека ќе има и ригорозни казни за непочитување на прописите.