Ристески: Вработените во Матично се сложни да истраат во штрајкот, нема да попуштаме

од Берта Китинска
307 прегледи

Од Управата за водење матични книги велат дека немаат дијалог со Владата ниту најава дека нивните барања за повисоки плати ќе бидат исполнети.

Независниот синдикат на Управата за водење матични книги при Конфедерацијата на синдикални организации во среда ќе протестира пред Министерството за финансии откако помина рокот во кој очекуваше одговор дали ќе има финансиски средства за реализација на нивните барања.

-Апелирам да смогнат сили и да седнеме на заедничка маса да најдеме решение за овој проблем што го имаат вработените, изјави денеска Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.

Тој нагласи дека штрајкувачите имаат голем притисок.

-Ваков арогантен однос од страна на Владата и институции досега не сме имале. Вработените се сложни да истраат во штрајкот. Се врши притисок врз штрајкувачите, им се закануваат дека ќе земат 40 проценти помала плата и има закани за преместување да работат во друг град. Тие притисоци нема да ги дозволиме. Јавно кажувам што сакаат нека прават, не и им попуштаме, вели Ристески.

Според Ристески, барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите за 2.806 денари нема да го реши проблемот имајќи го предвид порастот на инфлацијата.
Поради штрајкот на Управата за водење матични книги, граѓаните не можат да вадат изводи од книгата на родени, венчани и умрени.

Слични содржини