Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески информира дека во тек се вонредните контроли, а поинтензивно ќе се спроведуваат по Велигден и нема никакво одложување. Ова следува откако стапи на сила спроведувањето на законската мерка со која трговците се обврзуваат на своите веб-страници да ги објавуваат цените на производите и секојдневно до 10 часот да ги ажурираат.
Според Ристески, прво ќе стигнат опомените. Заменик-министерот очекува сите трговци на мало да ја почитуваат мерката и смета дека имаше доволен период од 45 дена за приспособување.
– Одлагање нема да има, треба да се применува и да се спроведува, во интерес е на заштита на стандардот на граѓаните преку транспарентното објавување на сите цени, односно, граѓаните да може сами да одлучуваат каде би ги купувале производите и по која цена, изјави Ристески.
Дел од трговците бараа пролонгирање на рокот за да се прилагодат на промените. Од Сојузот на стопански комори пак децидни оти надлежните им оставиле доволно време за да се подготват. За нив оваа мерка не е новина.
Граѓаните со поделени мислења. За едни јавно достапните цени ќе им го олесни пазарењето, но и ќе внимаваат дали трговците манипулираат со цените. Други воопшто не проверуваат колку чинат производите, го купуваат неопходното.
Доколку законот не се почитува глобите се од 500 па се до 10.000 евра. Трговците имаат обврска секој ден до 10 часот да ги ажурираат цените, доколку се увиди техничка грешка рокот е 24 часа истата да се корегира.