Ристески за патните трошоци: Едно доаѓање од Прилеп ме чини околу 3000 денари, не се баснословни суми

од Nikola Popovski
6,8K прегледи

Пратеникот Петар Ристески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е дециден дека воопшто не се злоупотребува случајот со патните трошоци на народните избраници. Вели дека има впечаток „политичките елити како да бегаат како ѓавол од темјан за да одговорат на вакви прашања“, но, истакна дека тој лично нема проблем да одговори.

-Јас сум пратеник од Прилеп и патувам секојдневно. Можам да кажам принципиелно дека можеби возам најмногу километри од пратениците, еден од најоддалечените градови. Во изминатата година имам најмногу патни трошоци и можам да кажам дека сум рекордер како што ме нарекуваат. Злоупотреби нема ниту денар ниту може да има. Патните трошоци се исплаќаат според закон, не е возможно бидејќи мора да поминеш со картичка на патарина, мора секој ден да патуваш за да приложиш патарини. Има закон по кој се исплаќаат патни трошоци како и за секој работник што оди на работно место и зема плата. Ние сме назначени функционери со мандат од четири години. За да дојдеш на работа во Скопје, ти се исплаќаат патни трошоци – јас тоа не сум го измислил, тоа е закон од претходно. Не се работи за баснословни суми. Едно доаѓање од Прилеп мене ме чини околу 3000 денари со возило и патарини – одење и враќање, а Собранието ни исплаќа околу 4500 денари во зависност од тоа колку е цената на горивото. Ставете тука ако еден нормален возач, сопственик на автомобил, менува гуми на неколку години, ние менуваме двапати годишно. Трошоци има многу и јас би сакал за мене, но, ви кажувам дека јас сум зијан бидејќи возам автомобил кој го купив 35 илјади евра. Сега да го продадам, за две години 140 илјади километри, дали ќе го продадам за 15 илјади евра…Ова е дефокус на партијата Левица. Сите доаѓаме од градови каде што сме луѓе со авторитет. Јас имам кариера претходно, сум стоматолог, со фамилија, семејство, ме знаат во Прилеп сум авторитет долги години, рече Ристески во емисијата „Здраво Македонијо“.

-Ако Петар Ристески има еден денар злоупотреба од патните трошоци, јас лично ќе се откажам од пратеничкиот мандат уште денеска, додаде функционерот од редовите на најголемата владеачка партија.

Слични содржини