Ристевска Јорданова: Не ни треба натпревар за тоа кој ќе биде полуд или пофрустриран, или кој повеќе ќе ќари на следните избори

од Vladimir Zorba

За актуелната политичка ситуација во земјава по негативниот одговор од ЕУ во емисијата „360 степени“ вечерва ставовите ги соочуваат Александар Спасеновски, универзитетски професор; Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика; Ибрахим Мехмети, аналитичар.

-Кај Албанија имаше повеќе услови за исполнување. Во нашиот случај она што е барано е реализирано. Вечно ќе има некоја забелешка. Овој пат е буквално прашање на став на францускиот претседател, видовте дека се чекаше на неговата одлука односно став до последниот ден. – појаснува Ристевска Јорданова.

Во однос на идните чекори кои треба да ги превземат чинителите на македонската политичка сцена таа смета дека најважно е, пред било што да се превземе, да се постигне согласност за надворешната политика на земјава, наместо ситуацијата да се користи за поткусурување.

-Потребен е заеднички став како во оваа конкретна ситуација кога имаме блокада од ЕУ ќе ја позиционираме надворешната политика. Прво дали имаме опција да се откажеме, да го разгледаме квалитетот на процесите, реализацијата на договорот за стабилизација и асоцијација… Значи потребна е систематска стратегија со клучни точки за кои сите ќе лобираме. – вели Ристевска Јорданова.

Таа потенцира дека важен е и ставот за Преспанскиот договор, односите со соседите…

-Нам не ни треба натпревар за тоа кој ќе биде полуд или пофрустриран или кој повеќе ќе ќари на следните избори. Ситуацијава не треба да биде прашање за меѓусебно поткусурување. – вели Ристевска Јорданова.

Александар Спасеновски одлуката на ЕУ за непроширување ја оценува како неповолен настан за македонската држава.

-Политичките фактори треба да застанат заедно и да одлучат што понатаму. Интеграцијата е клучниот приоритет на сите политички партии во земјава. Сметам дека треба да реферираме на една стара пракса и сите важни одлуки да се донесат врз основа на еден консензус по две линии, една меѓу власта и опозицијата, друга линија меѓу партиите кон кои гравитираат македонските и албанските граѓани. Мислам дека ова е период на наше национално зреење. – вели Спасеновски.

Слични содржини