Ристевски: Измените на Законот за работни односи се противуставни и со нив се кршат конвенциите на МОТ

од Vladimir Zorba
260 прегледи

Со протест на 1 Мај, синдикатите ќе го искажат револтот од измените на законите со кои во корист на Коридорите 8 и 10 д, како што велат, се намалуваат работничките права.

Во нивните напори детали од договорот со Бехтел и Енка да станат видливи за јавноста, од Конфедерацијата на слободни синдикати за „Локално“ велат, дека поддршка ќе бараат од Парламентот и други влијателни луѓе.

-Последните измени што се предлагаат во Законот за работни односи за нас како синдикат се неприфатливи и преку разни канали апелираме до сите пратеници, ваквите измени да не ги гласаат. Ќе се обидеме преку лобирање на пратениците, преку разговори со влијателни личности од разни сфери, и тие да го кренат својот глас а размислуваме и преку организирање на протести што најверојатно ќе се случај на 1 Мај, вели Марјан Ристевски од КСОМ.

За синдикатите еден од спорните моменти е зголемување на работната недела од 40 на 60 часа и повторно актуелизирање на неделата како работен ден. Според Ристевски за предложените измени треба да расправа не само трипартитниот економско-социјален совет туку на јавна расправа да се вклучат и претставници од МАНУ и од стопанските комори.

-За вакви измени задолжително треба да се дискутира и на Економско-социјалниот совет. Тврдиме дека измените се противуставни, и со нив се кршат конвенциите на МОТ. Тие се надвор од здравиот разум и пред се се нечовечни. Вакви и слични договори не смеат да се потпишуваат без претходна јавна расправа на која ќе се вклучат сите засегнати страни како синдикати, стопански комори,експерти, претставници од МАНУ и други, вели Ристевски.

Повторувајки го ставот на сите синдикални работници, дека со 60 часовната работна недела работниците ќе се доведат во исцрпувачка состојба и премореност што ќе ја намали продуктивноста, КСОМ отворено стравува дека вакви привилегирани договори може да побараат и други компании и инвеститори во други дејности.

К.В.С.

Слични содржини