Ристоска бара извинување од Мицкоски, тврди дека ја нарекол „медиокритет“ со „клиентелистичко-политичка матрица“

„Дополнително ме поврза и со целосно измислени тврдења за изјави кои не сум ги дала, со очигледна тенденција да се доведе во прашање мојот професионален интегритет“, порача обвинителката Ристоска

од Nikola Popovski
29 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ Види Вака

Јавната обвинителка Ленче Ристоска реагира на наводите што премиерот Христијан Мицкоски ги изнесе во неодамнешното интервју за „Вечер.мк“ во кое говорејќи за актуелни теми поврзани со законите за правосудството и предлог-измените на Кривичниот законик, ја нарекува „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка мартица“. Мицкоски не ја спомнува со име обвинителката, но од содржината на изјавата е јасно дека станува збор за неа.

-По однос на интервјуто на претседателот на Владата на Република Северна Македонија за порталот “вечер.мк”, во кое за мене беа изнесени навреди и неосновани професионални дисквалификации, презедов соодветни институционални и лични чекори за заштита на мојата чест, углед и професионална самостојност. Имено, во интервјуто претседателот на Владата изнесува неточни и понижувачки вредносни судови, имплицирајќи дека сум „медиокритет“ со „клиентелистичко-политичка матрица“, а дополнително ме поврза и со целосно измислени тврдења за изјави кои не сум ги дала, со очигледна тенденција да се доведе во прашање мојот професионален интегритет, наведува обвинителката Ленче Ристовска која покрај извинување, бара и реакција од надлежниот Совет за јавни обвинители, којшто треба да ја заштити самостојноста на обвинителите.

Во делот од интервјуто, за реформите во правосудството, Мицкоски во одговор без директно да ја посочи, ја нарекува „медиокритет“ и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за „клиентелистичко-политичка матрица“.

-Со цел заштита на мојот личен и професионален углед, од претседателот на Владата писмено побарав јавно извинување и повлекување на спорните наводи. Истовремено, согласно Правилникот за обезбедување и гарантирање на самостојноста на јавните обвинители, писмено го известив и Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, укажувајќи дека со ваквиот јавен говор се нарушува мојата самостојност во вршењето на јавнообвинителската функција, вели обвинителката Ристоска.

Инаку, наводите за кои реагира Ристоска премиерот Мицкоски ги изнесе во интервјуто за порталот „Вечер.мк“, одговарајќи на прашања повразни со корпусот закони за правосудството.

„Недостасуваат измените на Кривичниот законик бидејќи некој претходно направил авантура (зборувам за измените на претходната влада) и добро, поднесовме измени до Собранието на Кривичниот Законик. Веднаш излегоа поединци, и тоа најгласен коментатор беше еден поранешен припадник на поранешното СЈО, кој вели дека со овие нови измени се намалувале казните (а претходно немаше никакви казни, ама тогаш не ги слушнавме кога оние ги бришеа комплетно од КЗ) и овозможувале да се досудат, внимавајте, значи они веќе ги осудија луѓево – да се досудат условни казни. Замислете каква им е матрицата на размислување. Пазете, обвинител коментира веќе досудена работа. Бидејќи обвинителот и адвокатот се две спротивставени странки во процесот…Да, и сега јас ја слушам и просто не можам да верувам со каков тип медиокритети ние имаме работа“, изјавил премиерот.

За потсетување, Ристоска е дел од ОЈО Скопје, јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.

Таа овој момент го наведува во својата реакција, нагласувајќи дека поради ваквите околности изјавите на премиерот ги доживува како несоодветен притисок врз нејзината работа.

Инаку, Ристоска се најде во отворен судир со ВМРО-ДПМНЕ кон средината на октомври минатата година. Тогаш таа остро реагираше на соопштение на партијата насловено „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ и почнуваше со „каков крај“, а се однесуваше на изјавата на Ристоска во врска со отворањето нов оглас за избор на судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур.

„Наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин. Периодот на ‘правда со дневница’ заврши. Денес е времето на вистинска правда, без бонуси, без партиски заштити и без селективност“,наведоа од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението од 14 октомври 2025 година, на кое реагираше Ристоска.

Таа и тогаш ги оцени обвинувањата од владејачката партија како притисок врз нејзината работа и побара јавно извинување, а се закани и со тужба доколку ВМРО-ДПМНЕ не ги повлече изнесените тврдења.