Ристоска бара извинување од ВМРО-ДПМНЕ, во спротивно ќе тужи за невистинити и навредливи тврдења

„Соопштението на ВМРО ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува „крај“ и „време на вистинска правда“, ова соопштение, испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител“, порача Ристоска

од Nikola Popovski
270 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ Види Вака

Соопштението објавено на 14.10.2025 година на веб-страницата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ со наслов „Ристоска – тажен симбол за неправда со државни бонуси и службена картица во служба на Заев и Груби“ го доживувам како притисок и заплашување од лице за кои се води кривична постапка врз јавен обвинител“ – вака реагира денеска обвинителката Ленче Ристоска.

Во објава на социјалните мрежи, таа истакнува дека како обвинител постапува по два предмети со кои е засегната ВМРО ДПМНЕ – еден каде политичката партија е обвинета за кривично дело перење пари и друг каде има својство на лице врз кое е пренесена имотна корист за која има обвинение дека е прибавена со кривично дело.

Моментално и двете постапки се во фаза на судење, а со судска одлука замрзнати се партиското седиште и други 68 недвижности кои се опфатени со постапките.

-Оттука, соопштението на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, која во моментот е и носител и на извршната и законодавната власт, не е само критика на мојата работа како обвинител, туку со оглед дека се споменува „крај“ и „време на вистинска правда“, ова соопштение, испраќа намерна порака за заплашување и влијание врз мојата работа како јавен обвинител. Впрочем ова соопштение е само уште еден од низата напади на кои сум изложена изминатиот период.

Дополнително, ова соопштение содржи невистинити и навредливи тврдења, меѓу кои дека:

1. Моето професионално делување било инструирано од политички чинители и криминални структури

2. Самата сум си исплатувала бонуси и награди и сум користела службени картички

3. Јас го симболизирам моралниот пад на обвинителството и отсуството на срам е моја одлика, посочува обвинителката.

Ристоска бара ВМРО-ДПМНЕ јавно да се извини во рок од седум дена од ова соопштение или да ги докаже своите тврдења.

-Во спротивно, ќе поведам постапка за граѓанска одговорност за клевета и навреда против правното лице кое го објавило текстот. Сакам да укажам дека како обвинител јас имам не само право туку и обврска јавно да зборувам за прашања со кои се задира во независноста на обвинителството, се загрозува владеењето на правото и принципот на поделба на власта и се атакува на мојот професионален интегритет. Мојата работа како јавен обвинител е борба со криминалот и таа секогаш се базира на заштита на јавниот интерес, без оглед кој сѐ се јавува како сторител на кривични дела, стои во ставот на Ристоска.

Во соопштението на партијата на Христијан Мицкоски стои дека „Ленче Ристоска, поранешната „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО, последна има право да зборува за плати, правда и морал“.

-Ако некој знае што значи „повисока плата“, тоа се токму тие што си делеа бонуси, награди и привилегии додека обвинителството им се распаѓаше под тежината на сопствените злоупотреби. Јавноста добро се сеќава на времињата кога Ристоска и нејзините колеги користеа службени картички, патувања и дневници со ентузијазам обратно пропорционален од оној со кој работеа предмети.

Од обвинителство кое требаше да биде симбол на борба против криминалот, направија партиска испостава на СДС и ДУИ што соработуваше со луѓе од другата страна на законот. И сега, истата таа Ленче која го симболизира моралниот пад на обвинителството, како и на времињата во кои со судбината на народот царуваа Заев и Груби, собра храброст да зборува – замислете – „клеветнички кампањи“ и „анимозитет“, наведуваат од најголемата владеачка партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „наместо да се преправа дека е жртва, подобро би било конечно да им објасни на граѓаните колку точно бонуси и награди си исплатила во времето кога Македонија се гушеше во неправда, а тие делеле правда со партиски аршин“.

-Периодот на „правда со дневница“ заврши. Денес е времето на вистинска правда, без бонуси, без партиски заштити и без селективност, заклучуваат од „Белата палата“.

Ристовска е и јавна обвинителка за врски со Европравда и беше дел од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Таа пред Судот сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице, за што се бара и конфискација на партиското седиште.

Обвинителката ги отфрли како неточни тврдењата дека нејзината плата би се намалила ако се смени нејзиниот статус како претставник на Македонија во Европравда (Eurojust). Премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите минатиот месец кажа дека премногу пари се трошат на нашиот претставник во Европравда, поради што намерата им е да го сведат на статус на дипломат од трето ниво во нашата ЕУ-мисија во Брисел. Според Ристоска, тоа нема да и влијае на примањата.