Обвинителката и кандидатка за државен јавен обвинител, Ленче Ристоска синоќа потсети дека кога излезе алатката „Отворени финансии“ и кога се виде колку збирно примале обвинителите во поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), рече дека имало куроизитет дека иако она била заменичка на поранешната главна специјална јавна обвинителка, Катица Јанева, имала најмалку примени надоместоци.
„Сакам да укажам дека тоа не беше случајно туку последица на несогласувањата со Јанева и таа мене парично ме казнуваше. Тие несогласувања започнаа, постоеја, но интензитет добија по поднесување на обвинувањата во 2017 година. Се сеќавате дека еден период ме немаше во јавноста и престанав да се појавувам на пресовите на СЈО. Целиот период имаше и ситуација кога јас имам одземен дел од ингеренциите, и дури сакаше да ме замени и да стави друг заменик. Не бевме иста линија со правецот со кој што се движеше институцијата и за жал, освен последната прес-конференција во 2017 година, јас имав неблагодарна улога да ја одржувам последната прес-конференција кога немаше кој да ѝ објасни на јавноста што тоа се случува и што тоа значи за иднината на предметите“, рече Ристоска во емисијата „24 анализа“.
Обвинителката истакна дека етикети добивала и од СДСМ , не само од ВМРО ДПМНЕ, но не одработувала за никого и не молчела во времето на власта предводена од СДСМ.
„Јас во времето на СДСМ имав етикета дека сум „вмровка“, бев етикетирана дека јас сум обвинителот во СЈО кој што е „вмровец“. Кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, сега јас наеднаш сум машата на Заев, јас сум таа „сдсмовка“ која што стои во први борбени редови. Притоа сите забораваат и некако станало непоимливо во нашата држава дека некој може да нема партиски афимилации, дека може да биде професионалевц и да си ја работи работата во насока на јавниот интерес. Јас не сум молчела никогаш, јас на Катица Јанева ѝ се спротиставив, затоа бев казнувана, ме тргна од јавност, ме снема од прес-конференции. Катица беше најмоќна жена во тој момент и ништо друго немаше да има таков видлив ефект како моето отсуство“, кажа, меѓу другото, Ристоска во дебатната емисија.