Владата се уште не го добила официјалниот список од Советот за јавни обвинители со имињата за највисоката функција во фелата, а веќе отпиша една од кандидатките. Обвинителката Ленче Ристоска во кратка изјава за „Локално“ ја коментираше синоќешната изјава на премиерот Христијан Мицкоски.
Според неа, „кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат“.
-Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност. Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува, истакнува Ристоска, додавајќи дека „во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“.
Мицкоски вчера во телевизиско гостување рече дека обвинителката единствена испаднала од списокот на кандидати за нов државен јавен обвинител.
„Се уште официјално го немаме добиено записникот од Советот за јавни обвинители. Да го добиеме, па ќе се произнесеме. Апсолутно не се сите во игра и мојот став поврзан со тоа име е дека тоа име не е во игра. Еве искристализиравме некако одговор, од четворица, тројца се, кажа“ премиерот во емисијата „Само интервју“ запрашан за обвинителката.
Како одговор, Мицкоски вели дека „не треба да бираме јавен обвинител на кој што ќе му го слушаме гласот“. Според него, Советот на јавни обвинители си дал свое јавно мислење и дека „еден од четворицата треба да биде избран“.
Три обвинителки и еден судија го минаа филтерот на Советот на јавните обвинители за највисоката функција во фелата. Покрај Ристоска, позитивни мислења добија обвинителките Анита Тополова – Исајловска, Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески. Сега на потег е Владата која треба да селектира еден кандидат и да го достави до Собранието на гласање.
Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски испадна од трката бидејќи, по видување на Советот не го исполнил условот за непрекинат стаж.
Ристоска претходно поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ. Вели дека ги користи сите институционални механизми кои ѝ се на располагање и дека недозволиво е било кое обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, особено од позиција на моќ.
„Јас ќе ги преземам сите институционални механизми кои ми се на располагање, бидејќи е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов и тужба за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Поднесов и за премиерот, како што е јавно објавено известување до Советот на јавни обвинители, како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави неодамна Ристоска.
Претходно таа побара и јавно извинување од премиерот поради навреди и дисквалификации. Советот на јавни обвинители веќе најави дека ќе ја разгледува иницијативата. Од Владата, пак, порачаа дека премиерот не ја споменал обвинителката.
Покрај „Талир 1“, Ристоска го застапува обвинението „Талир 2“, во кој предмет е замрзнат имотот на Белата палата, односно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а кој застарува порано. Во „Талир 1“ за Перење пари остануваат истите обвинети Никола Груевски, Кире Божиновски, Илија Димовски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески. Ова судење почна уште во февруари 2019 додина и уште е во прв степен.
Претходно Владата без образложение ја поништи листата на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП), во која повторно беше токму Ристоска.
Н.П.