Личен пораз или пораз на системот? Откако ѝ беа одземени предметите „Талир“, а претходно беше исклучена од трката за главен државен обвинител, Ленче Ристоска поднесе оставка на обвинителската функција.
Во текот на мојата кариера особен предизвик ми претставуваше работата на случаи кои најдиректно влијаат врз дерогирањето на општествените вредности и принципи. Работењето на високопрофилни случаи создава и високопрофилни непријатели — такви кои ги користат своите моќ, влијание и конекции за да избегнат одговорност и да ве оттргнат од вашата намера – пишува Ристоска во соопштението до медиумите.
„Тоа подразбираше опструкции на различни нивоа, институционални и лични. Низ годините бевте сведоци на многу од тие случувања: влијание врз сведоци, вршење притисоци, менување на законски решенија, чување предмети во фиока и застарување на предмети. Сето тоа не ме спречи да опстојам во моите заложби, па јавно ги критикував состојбите во правосудството без оглед на општествено-политичкиот контекст и без калкулации за последиците по мојата кариера“, се додава во соопштението од Ристоска.
Откако Советот на јавни обвинители ја отфрли нејзината претставка за напад врз интегритетот, а државниот јавен обвинител донесе одлука за повлекување на овластувањата за застапување во клучни предмети во, како што вели Ристовска, завршна фаза, смета дека постапките се во директна спротивност со визијата за која се залага како треба да функционира обвинителството, сето ова наведува Ристовска ја навело да поднесе оставка на обвинителската функција.
Дали денес изгуби Ристоска или изгуби Обвинителствот? Дел од јавноста не верува дека некој ја присил Ристоска на ваквата одлука, сметаат дека тоа е личен избор. Според адвокатот и правник, Јасмин Калач, Ристоска е професионалец кој сам носи одлуки за својата кариера.

Фото: Јасмин Калач
„Исто така, за прашањето околу одземените овластувања за предметот „Талир“, адресата за одговор е кај Државниот јавен обвинител, тој треба да ги образложи мотивите за таквите потези. Мораме да бидеме реални и да нагласиме дека не можеме да очекуваме спектакуларни резултати преку ноќ или за само неколку дена. За вистински промени е потребно време. Сепак, ‘утрото’ на еден мандат честопати ги поставува стандардите“, вели Калач во изјава за „Локално“.
Во таа насока, соговорникот смета дека новиот Државен јавен обвинител под итно треба да направи ревидирање на обвинението за случајот „Пулс“. Вели дека такво обвинение правно не може и не смее да опстои, а тоа веќе почнаа да го бараат и самите родители на оштетените деца.
-Наместо да се фокусираме само на персонални решенија, неопходно е итно ‘скенирање’ на работата на сите обвинителства во државата. Довербата се гради со конкретни одлуки кои покажуваат независност. Дали по утрото се познава денот ќе видиме низ времето, но патот кон враќање на авторитетот на институцијата оди преку ревизија на спорните предмети и воспоставување на професионална одговорност на сите нивоа, оценува Калач.

Фото: Принтскрин/Јутјуб
Ристоска во последниот период беше под силни критики и политички напади. Таа поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ за тврдењата дека земала бонуси во СЈО, оценувајќи ги соопштенијата како форма на притисок, особено затоа што ги застапува предметите „Талир 1“ и „Талир 2“. Токму, деновиве таа остана без овие предмети кои се однесуваат на поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и на партијата како правно лице. Во предметите се истражува незаконско финансирање,а побарана е и конфискација на партиски имот.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески најави дека ќе ги повлече овластувањата дадени на обвинители кои постапувале по предмети надвор од своето матично обвинителство. Савески на брифинг со новинарите изјави дека одлуката не е насочена лично кон Ленче Ристоска и дека нема политичка позадина.
По одлуката на Ристоска, ВМРО-ДПМНЕ ја продолжи политичката пресметка, порачувајќи дека нејзината оставка е „ден на жалост за рекет обвинителите“, сугерирајќи дека таа е резултат на неостварените амбиции да стане државна обвинителка. Соопштението спуштено на ниво на оговарање и недолично за владеечка партија која треба да внимава како се однесува со обвинителите, содржи зборови како „дрпаа пари“ , „рекет дружина“, „машина за прогон“ и слично.
Н.П.