Ристоска за најавените измени на КЗ: Се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа

Обвинителката Ристоска ги повторила своите ставови дека новите измени декриминализираат веќе криминализирани поведенија

од Nikola Popovski
52 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ Види Вака

Критичарите на најновите измени на Кривичниот законик поднесени до парламентот, изјавуваа деновиве дека тие се подеднакво лоши, ако не и полоши од претходните. Обвинителката Ленче Ристоска, на панел – дискусијата организирана од страна на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“, ги повторила своите ставови дека новите измени декриминализираат веќе криминализирани поведенија.

„Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во пракса значи легализација на повредите кои овие лица ги извршиле. Па во овој контекст, би го прашала претседателот на Уставниот суд, како би постапил доколку Собранието ги донесе измените вакви какви што се предложени. Дали Судот има некаков план, оти мене ми се чини дека намерата на предлагачот на измените не е искрена, туку само формално да се задоволи барањето на Уставниот суд да се поднесат измени во дадениот рок?“, рекла Ристоска.

Новиот Кривичен законик што се подготвува со години, сè уште не е готов. Измените, пак, кои деновиве се поднесени во Собранието ја разбрануваа јавноста. Оценката е дека се намалуваат максималните казни во споредба со стариот Кривичен законик што важеше до 2023 година, се скратуваат роковите за застарување и се стеснува просторот за гонење корупција.