Обвинителката Ленче Ристоска денеска си поднесе оставка од обвинителката позиција, а како што може да се забележи од нејзината изјава, поради голема разочараност од состојбата во која се наоѓа Обвинителството. Во својата јавна изјава, Ристоска посочува дека обвинителската функција отсекогаш ја доживувала како можност за придонес кон подобрување на системот, општеството и животот на граѓаните, а како особено значајни ги издвојува предметите што се однесуваат на нарушување на општествените вредности и владеењето на правото.
Како клучни причини за оставката ги наведува последните одлуки во обвинителскиот систем. Таа посочува дека Советот на јавни обвинители ја отфрлил нејзината претставка за напад врз нејзиниот интегритет и самостојност, додека државниот јавен обвинител донел одлука да ѝ ги повлече овластувањата за застапување во клучни предмети кои се во завршна фаза.
„Овие постапки се во директна спротивност со визијата за која се залагам, а тоа е обвинителство кое работи надвор од политички влијанија, ги штити своите професионалци и го брани јавниот интерес доследно и без селекција. Бидејќи не гледам простор за работа во согласност со тие принципи, денес поднесов оставка од функцијата јавен обвинител. Искрена благодарност на сите кои ја препознаа и поддржаа мојата посветеност и борба“, порачува Ристоска во своето соопштение.
Советот на јавни обвинители на последната седница едногласно ја отфрли иницијативата на сега веќе екс-обвинителката, која тврдеше дека врз нејзината професионална самостојност се вршат надворешни влијанија и притисоци. Ристоска во своето барање наведе дека нападите доаѓаат од политички структури на ВМРО-ДПМНЕ, а како пример ги посочи изјавите на премиерот и објавите на официјалната веб-страница на владејачката партија. Ристоска е и македонска обвинителка во Агенцијата на Европската Унија за соработка во кривичната правда (Еуроџаст / Европравда).
Ристоска исто така остана без предметите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице. Случајот против партијата е за нејзино незаконско финансирање, а се бара и конфискација на партиското седиште. Ова следуваше по одлуката на државниот јавен обвинител Ненад Савески да ги повлече овластувањата што неговите претходници им ги дале на дел од обвинителите за да можат да работат на предмети од други обвинителства, пренесува телевизија Телма. Савески на последниот брифинг со новинарите рече дека овој негов потег не е поврзан лично со Ристоска и дека нема политичка заднина, туку дека е во насока да се воведе ред и евиденција.