Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова на денешната конференција „Жените во надворешна политика“ говорејќи на темата „Улогата на парламентите во унапредувањето на родовата еднаквост“ рече дека од голема важност во донесувањето на законите во Собранието, е да се вклучат и родовите аспекти. Според неа Собранието освен што носи закони, треба да врши и проценка на родовото влијание, родово-сензитивното буџетирање и изработката на годишните планови за надзор на законите за родова еднаквост.
За да се исполнат ваквите заложби Ристова посочи дека при формирањето на собраниските работни тела, делегациите и пратеничките групи за соработка, треба да се обезбеди родово-балансиран состав.
– Во овој парламентарен мандат од 120 пратенички, 48 се жени (40%). Само една собраниска комисија, а тоа е Законодавно правната комисија има балансиран состав на членови, жени и мажи од вкупно 21 комисија. Пет пратенички се претседателки на собраниски комисии, а само две комисии истовремено имаат жени и заменички претседателки. Во составот на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите за жал нема ниту еден член, пратеник. Во однос на делегациите и пратеничките групи за соработка во овој мандат имаме три делегации без ниту една жена во составот, потоа две делегации со балансирано учество на жените и мажите од вкупно 10, додека 14 пратенички се претседателки на пратеничките групи за соработка, кои во нашето Собрание ги има вкупно 50, рече Ристова.
Во поглед на родовата еднаквост за политичкото учество на жените, во Изборниот законик беше воведена родова квота. Според Ристова и етичкиот кодекс на Собранието, кој беше усвоен во 2018 година, обезбедува добра основа за адресирање на случаите на дискриминација врз основ на родот, вознемирување и сексуално вознемирување, вклучително и санкции.
Б.Т.