Ристовска донела одлука да ја напушти ДКСК

Претходно Антикорупциска отвори два предмети за својата колешка

од Nikola Popovski
24 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Цвета Ристовска денеска до претседателот на Собранието Африм Гаши поднесе оставка од функцијата. Како што вели, до ваква одлука дошло после неколку неделните сомнежи изнесени во јавноста во врска со нејзината работа.

„По недели јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со мојата работа во Државната комисија за спречување на корупцијата, донесов одлука да поднесам неотповиклива оставка од функцијата член на Државната комисија за спречување на корупцијата“, напишала Ристовска, во писмената оставка доставена до претседателот на Собранието.

Претходно ДКСК отвори два предмети за антикорупционерката, која што, според опозицијата, го кочи процесуирањето на пријавите против власта. Во првиот случај се работи за тоа дека фирма на еден од синовите на Ристовска добивала пари во кампања за претседателските избори во 2024 година од претседателските кандидати Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Дафкова од ВМРО-ДПМНЕ. Истата фирма добила пари и за локалните избори во 2021 година од СДСМ, додека тогаш Ристовска била помошник-државен ревизор.

Вториот случај го објави партијата Левица, која откри дека Ристовска не ги пријавила фирмите на своите деца во нејзиниот анкетен лист. Ристовска беше известител во ДКСК за случајот со дипломата на директорот на АНБ, Бојан Христовски.