Македонските фудбалски репрезентативци слетаа на скопскиот аеродром после вчерашниот историски резултат во Палермо, Италија и победата над актуелниот европски шампион. Пред медиумите се обратија и неколку од играчите, меѓу кои и дефанзивецот Езѓан Алиоски и капитенот Стефан Ристовски.
-Знаеме што направивме. Знаевме дека не е лесно, но веруваме во тимот и очекуваме победа и против Португалија, рече Алиоски.
Капитенот Ристовски истакна дека уште се под еуфорија.
-Вакви победи за оваа нација ќе останат запишани во историјата до крајот. Вечерва да одмориме и да прославиме, а од недела ќе мислиме за Португалија. Мислам дека ваков тип на натпревари се многу добри за нас. Дадовме максимум. Покажавме дека можеме да се носиме со притисокот. Постигаме големи резултати, потенцира Ристовски.