Ристовски: Ветингот е занимавање со последиците, не со проблемот

од Aleksandar Todeski
446 прегледи

Не знам што ќе следува, дали понатаму ќе следуваат бескрајни одолговлекувања или ќе се суди брзо не знам, но самиот случај „Рекет“ покажува дека државата е поразена и незрела држава, вели фронтменот на ветингот во МВР, Никола Дујовски во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. Тој вели дека може секој да биде пратеник или министер, наведувајќи дека најголемиот дел на пратеници и раководни лица немаат никакво искуство претходно, туку само поддршка од партија.

Според лидерот на Интегра, Љупчо Ристовски, никогаш не биле одвоени извршната, законодавната и судската власт.

„Последната искра надеж со СЈО заврши како што заврши и тоа пак поради политиката. Повторно правдата ја ставаме под политиката, повторно судскиот систем се користи со политиката. Ветингот е занимавање со последиците, ние до сега не сме се занимавале со проблемот, кој е фактот што не сме имале политичка гарнитура што сака да се тргне од судството. Треба длабоки реформи, уште не сме спремни за длабоки реформи. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во идеолошката матрица немаат идеја како да изгледа правна држава, сакаат правосудниот систем да биде тесто за месење и да го обликуваат како сакаат“, вели Ристовски.

Дујовски пак, смета дека сите се виновни, како политичарите, така и судиите кои се ставиле во функција на политичарите.

„Судиите се тие кои заради интереси се апсолутно добредојдени, дури и често видени во штабовите на политичките партии. Ако пратениците се издигнат над тој што ги предложил, може да гласаат како што сметаат лично. Доколку судиите се издигнат, кои ќе знаат да кажат да кога ќе треба и да кажат не, кога ќе треба, ние не можеме ништо да промениме преку ноќ, за тоа нема да ни помогнат ниту преговорите“, рече тој.

Лидерот на Интегра вели дека СЈО имало поддршка од две-третини на граѓантие, но откако не се завршиле сите постапки, во договор на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ обвинителството дошло до онаму каде што е сега.

За иницијативата за членот 11 од Законот за помилување, Никола Дујовски вели дека најверојатно има некаква позадина, бидејќи е чудно што 30 дена пред техничката влада, на Уставниот суд му текнало дека во фиока му стои барањето три години.

„Мора да ги најдеме луѓето кои мора да ги почнат промените во Судството и Обвинителството и да го почнат тоа. Прашањето на личниот интегритет и професионалноста е прашање за секој поединец. Верувам дека тоа не е прашање за Рената Дескоска, туку за судиите и обвинителите“, рече Дујовски и додаде дека треба професионалците, а не анонимуси да бидат на функции во државата.

 

Слични содржини