Недостигот на електрична енергија во Европа врши притисок врз владините буџети, кои ги зголемуваат трошоците за да им помогнат на компаниите и потрошувачите да го преземат влијанието на повисоките цени на парното и електричната енергија, пишува Блумберг.
Рекордните цени на струјата брзо станаа еден од најсериозните политички предизвици на континентот. Водачите на ЕУ ќе се состанат во четврток за да разговараат за ова прашање и можни решенија.
Од 27-те членки на блокот, 20 презедоа активности за да го ублажат влијанието врз најранливите потрошувачи и домаќинствата, а даночните олеснувања се најефективниот начин за тоа, според Европската комисија.
Помошта вклучува поддршка на приходите, ваучери и други временски ограничени инструменти, кои ќе надминат 3,4 милијарди евра и ќе ги намалат сметките за струја за околу 41 милион потрошувачи и 7,6 милиони мали компании. Ова го покажува документот, испратен до владите пред состанокот во четврток.
Италија, на пример, ќе издвои дополнителни 1,8 милијарди евра за заштита на потрошувачите. Вкупните мерки што ги спроведуваат и планираат европските земји ќе достигнат десетици милијарди евра, според бриселскиот тинк-тенк „Бругел“.
„Ова е значајна поддршка“, рече Симоне Талиапиетра, виш соработник во „Бругел“. „Ваквите бројки сугерираат дека овие мерки не се одржливи за јавните финансии, дека не можат да се одржат и дека доколку оваа енергетска криза трае подолго, тоа ќе влијае на способноста на владите да ги заштитат граѓаните“.
Ризиците за Европа се зголемуваат. Резервите на природен гас се на рекордно ниско ниво во овој период од годината, а Русија, најголемиот снабдувач со гориво во светот, продолжува да собира војници долж границата со Украина и се заканува да започне конфликт што дополнително ќе го ограничи снабдувањето.
Еден од заложниците на овој конфликт е судбината на спорниот гасовод „Северен тек 2“ меѓу Русија и Германија. Минатата недела, Полска рече дека енергетскиот пазар ќе остане нестабилен додека проектот конечно не биде одобрен. Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека ќе „направи се“ за да го спречи Кремљ да ја користи гасната врска за да го намали протокот низ Украина.
Во исто време, во Белорусија се појавуваат и други геополитички проблеми. Претседателот Александар Лукашенко ја повтори својата закана дека ќе го прекине гасот што тече низ неговата земја доколку Западот инсистира на санкции поради спорот со мигрантите.
Долгорочниот план на ЕУ за намалување на товарот на потрошувачите и бизнисите е веќе наведен – тој предвидува построги правила за зачувување на енергетските ресурси за да се обезбедат поголеми резерви за грејната сезона. А во подоцнежна фаза, намалување на увезените фосилни горива на сметка на локално произведените обновливи извори на енергија.
Во моментов, буџетите кои веќе се намалуваат поради Ковид-19 може да ја ограничат способноста на владите да ги поддржат граѓаните.