Се подготвува новата цена на струјата што ќе важи од 1-ви јануари. Иако ЕВН Хоум на тендерот доби повисока цена, сепак, има намалување во делот на преносот, дистрибуцијата и операторот, со што ќе се ублажи ударот.
Од 1 јануари 2026 година надоместокот за користење на електродистрибутивниот систем Електродистрибуција ДООЕЛ се намалува за 3,64% , надоместокот за користење на преносниот систем МЕПСО се намалува за 2,67%, намалување има и кај цената на МЕМО од 3,40 % – одлучи Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ).
„Со денешната одлука, сите елементи кои ја сочинуваат крајната цена се познати: цена и количина по која е набавена електричната енергија, услугите на мрежните оператори, затворени се и набавките за загуби. Сега останува универзалниот снабдувач – ЕВН ХОМЕ, под наш надзор да направи пресметка и да се објават финалните цени по блокови. Делот што РКЕ го регулира во крајната цена има влијание од околу 36 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Ова е последната одлука која се чекаше за да може да се формира крајната цена на струјата која ќе ја плаќаат граѓаните по Нова Година.