Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информира јавноста дека цените на сите нафтени деривати на светските берзи во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај сите нафтени деривати и тоа: кај бензинот за 8,971 %, кај дизелот за 16,811%, кај екстра лесното масло за 14,445% и кај мазутот зголемување за 9,336%. Во исто време, курсот на доларот во однос на денарот е зголемен за 1,078%. Согласно овие податоци, РКЕ донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 6,88 % во однос на Одлуката од 7.3.2022 година.
-Донесовме одлука со која ја намаливме трговската маржа за 33% на сите трговците со нафтени деривати. Ова е единствен механизам кој на РКЕ му стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови, и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст. Дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелираме побрзо да се донесат, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.