Граѓаните во иднина ќе добијат пониски сметки за парно, односно се намалува во просек за 4% крајната цена кај трите компании на територијата на Град Скопје, објави Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Според тоа, речиси 56 000 потрошувачи приклучени на БЕГ ќе добиваат сметки пониски за 4,35%, иако од компанијата бараа поскапување од 1,82%. Нешто над 3 800 домаќинства кои се приклучени на ЕСМ Енергетика ќе добиваат незначително пониски сметки за 0,57%, додека потрошувачите кои се приклучени на Скопје Север од 1 август ќе добиваат сметки пониски за 1,25 %.
– Најголемата компанија која снабдува 56.000 потрошувачи, БЕГ, ќе има намалување на цената за парното за 4,35 проценти. Фиксниот надоместок останува ист, а цената за испорачана топлинска енергија ќе се намали за 6,39 проценти. Со ова испраќаме сигнал дека оние потрошувачи коишто се приклучени на системот за топлинска енергија во сопственост на БЕГ, ќе им се намали сметката за енергија. Со тоа испраќаме уште еден сигнал и потрошувачите кои се исклучиле, да се приклучат на овој организиран систем. Со оваа одлука имаме историски најниска цена за парното, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Компаниите не биле задоволни од одлуката на Регулаторот но од РКЕ велат дека одлуката е донесена врз основа на реалните пресметки.