Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,92 % во однос на одлуката од 3.05.2022 година.
-Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,498 %, кај дизелот за 3,023%, кај екстра лесното масло за 3,262% и кај мазутот зголемување е за 1,555%.Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 1,290%.Клучни елементи кои влегуваат во структурата на формирање на малопродажните цени на нафтените деривати се: берзанските цени и курсот на доларот во однос на денарот. Анализите покажуваат дека курсот на доларот во однос на денарот, во изминатите два месеци поради геополитичките случувања во Украина и Русија бележи постојан раст, што прави сериозен притисок врз формирање на малопродажните цени на нафтените деривати. Во изминатата недела од 25 април до 29 април курсот на доларот во однос на денарот е зголемен за 3,83 % и овој пораст има директно влијание во формирањето на крајните малопродажни цени на нафтените деривати, информираат од РКЕ.