Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги соопшти дека за денес, 11 март не се исполнети предусловите за корекција на цената на нафтените деривати.
Што се однесува до предложените законски измени кои се во собраниска процедура, вВо моментот кога измените на Законот за акциза стапат на сила, односно штом Собранието ги донесе и се објават во Службен весник, Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) веднаш ќе одржи главна седница на која ќе биде донесена одлука за највисоки малопродажни цени на нафтените деривати во која соодветно ќе биде инкорпорирана новата акциза. Или едноставно кажано ќе биде донесена нова одлука.
За измените во законот за ДДВ, предвидено е согласно член 4 да се пристапи кон примена на даночна стапка од 10% кога Владата на Република Македонија поблиску ќе ги определи видот на добрата и временскиот период на ослободување на плаќањето на ддв.
РКЕ ќе ја вкалкулира намалената стапка на ДДВ во нова одлука штом Собранието ќе ги изгласа измените во Законот за ддв и откако потоа Владата ќе донесе одлука. По завршување на овие две процедури РКЕ ќе донесе одлука и со вкалкулирано намалено ДДВ, соопштија од оттаму.