Арјен Робен го одигра својот последен натпревар за репрезентацијата пред четири години во квалификациите за СП, а откако Холандија не успеа да се квалификува, тој ја заврши репрезентативната кариера. Робен тогаш имаше 33 години и беше член на Баерн Минхен.
Денес, по краткото пензионирање, тој игра за Гронинген и се предомисли во однос на настапите за националниот тим, предводен од Франк де Бур.
„Јас ќе ја прифатам поканата ако ме поканат. Кога минатата година се вратив во фудбалот, размислував и за Европското првенство. Тоа би било одлично, но треба да биде и реално. Ќе морам да бидам многу добро подготвен и способен да му помогнам на тимот. Ќе видиме“, изјави Робен по натпреварот против Емен на кој учествуваше со две асистенции, но денес доби одговор од селекторот на Холандија.
„Научив никогаш да не кажувам никогаш, но сега би рекол „не“. Мило ми е што Арјен игра повторно, особено за него самиот, но работите треба да се стават во перспектива. Мислам дека последен пат тој одигра 90 минути од натпревар во 2019 година“, рече Де Бур и на шега одговори на прашањето што ќе стори ако Робен продолжи да игра во добра форма.
„Тогаш би можеле да договориме нешто за Светското првенство во Катар“.