Роберт Фицо се уште влече последици од тоа што беше ранет во обидот за атентат – премиерот се отвори и раскажа со какви проблеми се соочува

од Марта Пешевска
182 прегледи

Словачкиот премиер Роберт Фицо изјави дека сè уште се соочува со последици од повредите здобиени во обидот за атентат во мај 2024 година, што го ограничуваат во извршување на некои активности. На прес-конференција, Фицо посочи дека има тешкотии при подолги патувања со автомобил, особено оние што траат повеќе од четири часа, но нагласи дека е способен за физичка работа и има намера да продолжи со своите активности.

„Некои новинари скокаа од радост кога бев ранет и дури се обложуваа дали ќе преживеам“, изјави Фицо, критикувајќи дел од медиумската реакција по нападот.

Словачкиот телевизиски канал „Маркиза“ претходно објави дека премиерот неколкупати неодамна ја откажал својата работна програма без официјално објаснување. Во април, поранешниот чешки претседател, Милош Земан, изјави дека Фицо не можел да учествува во заедничко интервју поради влошена здравствена состојба, информација што подоцна ја потврди и самиот премиер.

Атентатот врз Роберт Фицо се случи на 15 мај 2024 година, по завршување на владина седница. Премиерот тогаш претрпе неколку прострелни рани и беше итно хоспитализиран. Напаѓачот, 71-годишниот Јурај Цинтула, беше уапсен на местото на настанот. Според словачкото Министерство за внатрешни работи, нападот бил извршен од политички мотиви, а осомничениот се спротивставувал на политиките на владата, особено прекинот на испораките на оружје за Украина.

Случајот подоцна беше преквалификуван од обид за убиство во терористички акт. Фицо беше отпуштен од болница кон крајот на мај 2024 година и подложен на домашна рехабилитација. На работното место се врати во јули истата година. Цинтула се наоѓа во притвор и го чека судскиот процес. Доколку биде прогласен за виновен, може да се соочи со доживотна затворска казна.

Слични содржини