Роберт Кенеди Џуниор: Бајден е поголема закана за американската демократија од Доналд Трамп

Тој истакна дека ниту Бајден ниту Трамп не треба да бидат избрани за претседател на САД на ноемвриските избори, но рече дека ниту еден од двајцата кандидати нема да ја „уништи демократијата“.

од Бети Божиноска
194 прегледи

Независниот кандидат за американски претседател Роберт Кенеди Џуниор денеска изјави дека актуелниот претседател Џозеф Бајден е поголема закана за американската демократија од републиканецот Доналд Трамп, пренесува Си-ен-ен.

„Можам да кажам дека претседателот Бајден е многу поголема закана за демократијата бидејќи е првиот претседател во историјата кој користи федерални агенции за цензурирање на политичкиот говор и неговите политички противници“, изјави Кенеди во емисијата Erin Burnett OutFront на Си-ен-ен.

Тој истакна дека ниту Бајден ниту Трамп не треба да бидат избрани за претседател на САД на ноемвриските избори, но рече дека ниту еден од двајцата кандидати нема да ја „уништи демократијата“.

„Кога би морал да означам еден од двајцата како поголема закана за демократијата, би го избрал Бајден затоа што ги злоупотреби федералните агенции против своите политички противници“, рече Кенеди.

Тој додаде дека обидот на Трамп да ги поништи резултатите од претседателските избори во 2020 година „јасно претставува закана за демократијата“, но повтори дека Бајден претставува поголема закана.

„Мислам дека тоа е закана за демократијата. Обидот да се поништат изборните резултати очигледно е закана за демократијата. Но, прашањето е кој е поголема закана за демократијата? Нема директно да одговорам на тоа прашање, но можам да тврдам дека Бајден е поголема закана затоа што Првиот амандман е најважен“, подвлече Кенеди.

Првиот амандман на Уставот на САД, меѓу другото, им го гарантира правото на слобода на говор на граѓаните на САД.

Претседателските избори во САД се закажани за 5 ноември, а истражувањата на јавното мислење покажуваат дека за Кенеди би гласале 9,5 отсто од Американците, за Бајден би гласале 39,2 отсто додека Трамп би ја имал поддршка од 41,5 отсто од гласачите.

Слични содржини