На денешен ден  31 мај 

18-Maj

1594.- Во Венеција умре Јакопо Робусти Тинторето, италијански сликар. Тој изврши големо влијание врз подоцнежните поколенија, особено врз импресионистите. Роден е во Венеција, во 1518 година.

1793.- Почна јакобинскиот терор во Француската револуција.

1809.- Во Виена, умре Франц Јозеф Хајдн, прв композитор на развојот на оркестарот. Во извонредно големиот опус (104 симфонии, 83 гудачки квартети, повеќе од 20 опери), тој го усоврши изразот на симфониското музицирање. Дела: симфониите „Утро, „Пладне“ „Вечер“, „Марија Терезија“, „Оксфордска“, „Мечка“, „Кокошка“, „Кралица“, „Војна“, „Часовник“, гудачките квартети „Сончеви квартети“, „Руски квартети“, ораториумите „Создавање на светот“, „Годишни времиња“, операта „Аптекар“. Роден е на 31 март 1732 година.

1819.- Роден е американскиот писател Волт Волтер Витмен.

1859.- Почна да работи големиот часовник наречен „Биг Бен“ на кулата на британскиот Парламент во Лондон.

1872.- Во селото Влахи, Пиринска Македонија, е роден Јане Сандански, истакнат македонски револуционер, војвода и еден од раководителите на ТМОРО и доследен следбеник на Гоцевите идеи. Тој е најистакнат организатор и раководител на македонското национално ослободително движење во Пиринска Македонија. Патувајќи од Мелник за Неврокоп, близу до Роженскиот манастир, убиен е од врховистите на 22 април 1915 година.

1907.- Славољуб Едуард Пенкала, роден во Словачка, во Будимпешта ја регистрира направата со вградено мастило за пишување, што по него е наречена пенкало.

1911.- Во непосредна близина на селото Журче, Демирхисарско, кај манастирот „Свети Атанас“, во борба против турската војска загина македонскиот војвода Блаже Крстев – Биринчето. Роден е во селото Бирино, Крушевско, во 1873 година.

1924.- Кина го призна Советскиот Сојуз.

1930.- Роден е американскиот филмски актер, режисер и продуцент Клинт Иствуд. Филмови: „За грст долари“, „За неколку долари повеќе“, „Добар, грд и лош“, „Шериф во Њујорк“, „Валканиот Хари“, „Бегство од Алкатраз“, „Неочекуван спасувач“, „Одметникот Џеси Волс“, „Црвена лисица“, „Ненадеен судар“.

1931.- Во Бахреин е пронајдена нафта и таа е првата заливска земја во која се утврдени такви наоѓалишта.

1942.- Чехословачките патриоти го убија водачот на Гестапо, Рајнхард Хајдрих, еден од најсуровите нацистички злосторници, организатор на најмасовните масакри врз Полјаците, Евреите и Русите. Во знак на одмазда, нацистите го уништија селото Лидице и ги убија нивните жители.

1961.- Јужна Африка се прогласи за Република, за претседател е избран Чарлс Робертс Сварт, а државата го напушти Британскиот комонвелт.

1962.- Во Израел е извршена смртна казна со бесење врз нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, еден од главните егзекутори на Хитлеровото „конечно решение“ на еврејското прашање во Европа. Во судскиот процес е утврдено дека Ајхман е виновен за смртта на шест милиони луѓе.

1970.- Во земјотрес во Перу загинаа повеќе од 70.000 луѓе, 20.000 исчезнаа и 200.000 се повредени, а градовите Јунгај, Хуарес и Чимботе се потполно разорани.

1991.- Во Лисабон е потпишан мировен Договор за Ангола, според кој, по околу 16 години заврши граѓанската војна во таа африканска земја.

2000.- Хонконг го затвори последниот виетнамски камп, ставајќи крај на 25-годишната сага на луѓето од чамците на територијата на таа јужна кинеска провинција.

2005.- Марк Фелт, пензиониран висок функционер на американското Федерално истражно биро (ФБИ), соопшти дека „Длабокото грло“ било главниот извор на информации за новинарите на „Вашингтон пост“ во откривањето на аферата Вотергејт (упад во канцеларијата на Демократската партија во зградата Вотергејт во Вашингтон во 1974 година) за што американскиот претседател Ричард Никсон беше принуден да поднесе оставка.

2013.- На 92-годишна возраст почина академик Петар Хр. Илиевски. По завршувањето на Богословскиот факултет во Софија, во 1946 година, работи како наставник во средни училишта во Скопје. Во 1956 година дипломира на групата Класична филологија на Филозофскиот факултет во Скопје. Специјализирал микенологија во Кембриџ во 1957/58 година и докторирал од истата област во 1960 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Аблативот, инструменталот и локативот во најстарите грчки текстови“ и е избран за доцент, во 1966 е избран за вонреден професор, а во 1971 година за редовен професор. Одговорен уредник е на сојузното списание за класична филологија и антички студии „Жива антика“. Од 1965 година е член на Постојаната меѓународна комисија за микенолошки студии, а од 1981 година е член на Центарот за балканолошки истражувања при Академијата на науките и уметностите на Босна и Херцеговина. Го организирал Друштвото за антички студии на Југославија (1972–1973 година), како и на низа меѓународни научни собири. Научната дејност ја остварува во три области: класиката, балканистиката и палеославистиката. Проучувајќи ја словенската писменост од нејзините почетоци, особено глаголицата, евангелската мисија на свв. Кирил и Методиј, ја проследува нивната идеја за рамноправност на јазиците, како и просветителската дејсност на свв. Климент и Наум Охридски. Учесник во НОБ од септември 1944 година. Учествувал во првиот превод на Светото Евангелие на современ македонски јазик во 1952 година. Автор е на околу 400 труда и добитник на повеќе награди и признанија. За член на МАНУ е избран во 1979 година. Петар Хр. Илиевски е роден на 2 јули 1920 година во село Горно Бигор – Доленци, Кичевско.

2013.- Свечено е отворена новата зграда на објектот „Стар театар“ во Скопје, кој му беше примопредаден на Македонскиот народен театар. Станува збор за современ театарски простор во кој се негуваат уметноста и културата и ќе се реализираат содржини од сценско-уметничките дејности со високи технички перформанси. Лоциран на левиот брег од реката Вардар, објектот е изграден врз темелите на стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година. Позициониран е на вкупна површина од 7.200 метри квадратни, а аудиториумот на објектот е поделен на голема сала со партер и две галерии со вкупно 724 седишта, како и мала сала со 213 седишта. Сценската технологија и механика, како и целокупната сценска површина се од модуларен тип со двојно дно. На отворањето на Стариот театар е промовиран и Музејот на МНТ кој претставува прва театарска музејска збирка формирана и презентирана во Македонија.

Избор МИА

Слични содржини