И покрај тоа што неговиот тим забележа петти последователен пораз, менаџерот на Лестер Брендан Роџерс не зборува за отказ. Тимот беше поразен со 5-2 од Брајтон викендот и остана на дното во Премиер лигата. За споредба, клупската легенда Клаудио Раниери доби отказ веднаш по пет последователни порази.
„Ќе продолжам да си ја работам работата на најдобар можен начин и сигурно нема да бегам од одговорноста. Никогаш не сум инсистирал да добијам поддршка од сопствениците“, рече Роџерс.
„Секогаш доаѓам во базата рано наутро, а заминувам доцна навечер и додека некој не ми каже спротивно, ќе продолжам вака. Соочени сме со предизвик и мора да го прифатиме. Имаме играчи кои постојано се трудат и мораме да го извлечеме максимумот од нив. Нема да престанам да се обидувам да ги менувам работите. Во фудбалот работите можат брзо да се променат – постигнувате добар резултат и тоа може да влее доверба кај играчите“, рече тренерот.