Родик: Ѓоковиќ сам одбра да не игра на УС Опен

од Vladimir Zorba
292 прегледи

Поранешниот најдобар светски тенисер Енди Родик во интервју за Њујорк пост изјави дека најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ самиот одбрал да не игра на УС Опен.

Американецот, кој се повлече од тенисот во 2012 година, смета дека последниот Гренд слем во сезоната нема да биде ист без Новак, но дека тоа е негова лична одлука.

„Жално е што тој не може да игра. Сепак, известувањето е закачено на ѕидот, а тој направи избор. Сите се справуваме со последиците од нашиот избор. Би било добро за турнирот доколку Новак беше таму. Но, јас исто така знам дека УС Опен или Тениската асоцијација на САД не се институции кои треба да одат против владината политика. Мислам дека е смешно навивачите да очекуваат такво нешто од тениски турнир“, изјави Родик за Њујорк пост.

Американецот истакна дека најголем фаворит за титулата во Њујорк е светскиот тенисер број еден Данил Медведев, кој го брани трофејот.

„Тешко е да се даваат прогнози кога не е ни направена ждрепката. Медведев е најсигурниот облог, тој победи минатата година и докажано е дека сака да игра на терените во Њујорк. Најголемото прашање е здравствената состојба на Рафаел Надал Имаше само еден меч по повлекувањето од Вимблдон. Имавме неочекувани победници на турнирот што му претходеше на УС Опен. Момчето кое е 150. во светот, Чориќ, го освои Синсинати. По долго време имаме повеќе прашања пред турнирот, отколку одговори“, изјави Родик.

Според важечките закони во САД, Новак Ѓоковиќ како невакциниран странец не може да влезе во Америка, па затоа не може да се натпреварува на УС Опен што почнува на 29 август и ќе трае до 11 септември.

Слични содржини