Родителите на повредените од Кочани во солзи: Им благодариме на лекарите и на бугарскиот народ за грижата

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Дел од македонските пациенти примени во софиската болница „Пирогов“ по трагедијата во Кочани се пуштени дома. „Возбудени сме што нашите деца се отпуштаат. Тука сме да им се заблагодариме на директорката и на лекарите кои се грижеа за нашите деца. Сакаме да се заблагодариме и на бугарскиот народ за грижата за нас, како и на сите крводарители“, изјавил еден од родителите на повредените млади, пренесуваат бугарските медиуми.

„Ќе останат со голем шок и траума до крајот на животот. Сите сега се како семејство и се надеваме дека еден ден ќе им биде подобро“, изјавил друг родител, пренесува бугарска „Нова“.

Родителите додаваат дека контролите на настраданите ќе продолжат да се вршат во „Пирогов“.

„Ќе подлежат на бројни реконструктивни операции кои ќе траат со месеци, па и со години“, објаснила директорката на Клиниката за изгореници и пластична хирургија, проф. Маја Аргирова.

Останатуваат уште четворица пациенти кои се во тешка, но стабилна состојба и се на интензивна нега. Тие се соочуваат и со повеќе интервенции за да се опорават.

„Се надеваме дека и другите повредени побрзо ќе го следат нашиот пример и дека здрави ќе се вратат дома. Уште еднаш од се срце ви благодариме за се“, изјавил татко на 16-годишно дете од Кочани кое е пуштено да се врати дома

Во три медицински установи во Бугарија беа примени 15 од повредените Македонци на возраст од 15 до 30 години. Девет од нив беа згрижени во најголемата болница во Софија.

Слични содржини