Родителите на загинатите во трагедијата во Кочани му се обратија на Јавното обвинителство со барање за одговорност од сите инволвирани институции, велејќи дека смената на командирите во МВР не е доволна и дека вистинските виновници се уште не се откриени.
Тие нагласуваат дека објектот „Пулс“ функционирал нелегално, без одобрение за пренамена, со плаќање на наемнина на рака, а институциите како Државниот пазарен инспекторат, МВР, УЈП и Општината Кочани не извршиле соодветни контроли.
Родителите посочуваат дека има записи за жалби, но дека не бил преземен никаков чекор. Особено потенцираат дека „Пулс“ работел со фалсификувана лиценца со месеци, без да биде предупреден од надлежните, што укажува на сериозни пропусти во работењето на Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат и УЈП.
Родителите исто така посочуваат дека клубот работел со блокирана сметка, и прашуваат дали УЈП требало да го затвори уште во септември 2024 година и зошто тоа не се случило. Во однос на МВР, тие потенцираат дека ова министерство има широка надлежност и треба да одговори дали имало проверки за работно време, употреба на пиротехника, дали лицата кои ракувале со пиротехнички средства биле оспособени и дали Пулс имал дозвола за тоа.
Родителите прашуваат дали овие лица се повикани на распит и дали ќе сносат одговорност. Тие го повикуваат Јавното обвинителство да ги истражи сите овие факти и да ги повика сите засегнати на распит, бидејќи сметаат дека смената на командирите на СВР и ОВР не е доволна мерка. Во својата порака, родителите изразија решеност да ја бараат правдата до крај и најавија дека ќе ја објават целата истрага и во меѓународни рамки, истакнувајќи дека сите виновници мора да одговараат.