Воведувањето на дигитални учебници кое го најави министерката за образование и наука, Мила Царовска предизвика големо незадоволство кај голем број родители. По нејзината најава за дигитализација на образованието, по социјалните мрежи се формираше група под името „Учебници и настава мора да има“ каде што голем број на родителите јасно посочуваат дека се против тоа.
Од истата група може да се увиди дека најпрво беше направена онлајн петиција против воведување на дигиталните учебници, а истите членови најавуваат и отварање на пунктови ширум целата држава, а истовремено од нивна страна се подготвуваат и протести.
-Се запрашала ли министерката Царовска што ќе правиме ние што имаме три деца и од септември треба да имаме онлјан настава? Колкави треба да се нашите станови за да децата имаат своја соба и услови да следат настава во мир и тишина? Бојкот на наставата од септември доколку нема враќање на учебниците и на децата во училиште, напиша родител.