Роднини на израелските заложници бараат да НЕ се воведува смртна казна за заробените борци на Хамас

од Stefanija Kuzmanovska
159 прегледи

Роднините на некои од околу 240-те луѓе кои Хамас ги држи како заложници во Газа денеска ги повикаа екстремно десничарските израелски пратеници да не го поддржуваат предлогот за воведување смртна казна за заробените палестински милитанти, велејќи дека дури и зборувањето за тоа може да ги загрози заложниците, пишува „Гардијан“.

Израелскиот комитет за национална безбедност се состана денеска за да разговара за нацрт-законот за воведување смртна казна против борците од палестинските вооружени групи. Предлогот беше изнесен од партијата на екстремно десничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир.

„Законот за смртна казна за терористите повеќе не е прашање на левицата и десницата… (тоа е) морален и суштински закон за државата Израел“, напиша Бен-Гвир на платформата X.

Сепак, ова предизвика загриженост кај некои роднини на заробените Израелци.

„Тоа би значело да се играат нивните игри. И за возврат ќе добиеме слики од нашите најблиски убиени, а државата Израел ќе биде обвинета за тоа, а не тие (Хамас)“, им рече Јарден Гонен на Бен-Гвир и неговата партија. Неговата сестра Роми е меѓу заложниците.

 

„Не се занимавајте со ова додека не се вратат овде. Не ја ставајте крвта на мојата сестра на вашите раце“, додаде тој.

Некои од роднините на луѓето заробени од Хамас во Газа се загрижени дека публицитетот околу дебатата за смртната казна може да предизвика одмазда, иако се зголемуваат надежите за договор за ослободување на некои од нив, пишува „Гардијан“.

Голем број осомничени палестински вооружени лица беа уапсени во Израел откако милитантите на Хамас ја пробија границата со Појасот Газа на 7 октомври.

Гонен е еден од луѓето кои учествуваа на петдневниот марш од Тел Авив до Ерусалим минатата недела. Тој за „Гардијан“ во саботата изјави дека семејствата се чувствуваат како да се запоставени од владата.

„Мораме да видиме дека тие прават се што е во нивна моќ за да ги вратат заложниците дома. И ние нема да се откажеме“, истакна Јарден.

Слични содржини