Родри сака да му помогне на Сити

од Vladimir Zorba
12 прегледи

Играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Родриго Ернандез не му е достапен на менаџерот Пеп Гвардиола откако го повреди десното колено на мечот против Арсенал (2:2) во септември, по што шефот на стручниот штаб на „граѓаните“ појасни дека шпанскиот репрезентативец ќе го пропушти остатокот од сезоната.

Англискиот шампион е во серија од шест натпревари без победа, од кои пет се загубени, а добитникот на „Златната топка“ се надева дека ќе може да им помогне на соиграчите пред крајот на сезоната.

„Мојата цел е да се вратам. Не се откажувам од оваа сезона, но и не сакам да грешам. Се надевам на пауза од шест или седум месеци. Ми оди многу подобро отколку што мислев. Уживам во одморот, ако може така да се каже“, изјави Родри за поткастот „The Rest Is Football“.

Тој погледна назад на денот кога беше повреден.

„Имав впечаток дека нема пукање, коленото беше стабилно. Бев убеден дека не е толку лошо. Но сега имам позитивен менталитет и тоа е тоа. Првиот месец и половина беа лоши во однос на болките, не можев да одам, но сега е полесно“, вели 28-годишниот Шпанец.

Летово мадриѓанецот даде значаен придонес за освојување на Европското првенство во Германија, четврто во историјата на Шпанија.

Сезоната во Премиер лигата ќе заврши на 25 мај, осум дена по финалето на ФА Купот.

Пред Сити е гостување кај водечкиот Ливерпул, а доколку домаќинот триумфира на „Енфилд“ ќе има (веројатно клучни) 11 бода предност по 13. коло.

Потоа следува Светското клупско првенство во САД – во нов формат од 32 екипи, во кој ќе учествува и Манчестер Сити, од 15 јуни до 13 јули.

Слични содржини