Рохани прогласи победа над демонстрантите, а за хаосот во земјата обвини странски сили

од Aleksandar Petrovski
208 прегледи

Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска прогласи победа над демонстрантите, обвинувајќи странски сили за предизвикување на немирите во земјата заради повисоката цена на горивата, додека ирански функционер ги отфрли „шпекулативните“ наводи за над 100 мртви демонстранти.

Илјадници лица денеска учествуваа во провладините демонстрации, пренесоа иранските државни медиуми.

Ирански државјани со двојно државјанство се меѓу уапсените демонстранти во северната покраина Алборз, наведува агенцијата Фарс.

Агенцијата, повикувајќи се на безбедносни извори, наведува дека затворени се германски, турски и авганистански државјани кои поседуваат и иранско државјанство, како и тоа дека биле тренирани и платени од странски служби за да ја уништат иранската инфраструктура и да ги поттикат граѓанските немири.

Овие лица имале посебна опрема за саботирање, наведува агенцијата Фарс.

-Иранскиот народ повторно успешно го положи историскиот испит и покажа дека нема да им дозоли на непријателите да профитираат од оваа ситуација, иако можеби ќе има преговори за управувањето со земјата, рече Рохани, а пренесоа државните медиуми.

-Спонтаните (провладини) демонстрации кои ги гледате се најголемиот знак на моќта на иранскиот народ, додаде иранскиот претседател.

Иранската мисија во ОН ги отфрли извештаите за над 100 мртви во демонстрациите, нарекувајќи ги „шпекулативни и несигурни“, доколку не ги потврди владата во Техеран.

„Нетемелените наводи и фабрикуваните бројки на пристрасните западни организации нема да ја разнишаат владината одлучност да донесува јасни економски одлуки, почитувајќи ги човековите права на својот народ, вклучувајќи го и правото на мирни протести“, напиша на Твитер портпаролот на мисијата Алиреза Мирјусефи.

Техеран ги обвини „разбојниците“ поврзани со емиграцијата и странските непријатели – САД, Израел и Саудиска Арабија, за предизвикување немири кои почнаа во петокот откако владата ја зголеми цената на горивата за 50 отсто.

По ова протестите набрзо прераснаа во политички, а Амнести интернешенел излезе со тврдењето дека во немирите во 21 град низ Иран загинаа најмалку 106 лица.

Слични содржини