Рокас: Ќе ѝ помогнеме на Македонија да ги испорача потребните реформи

од Nikola Popovski
32 прегледи

Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас денеска изјави дека како ЕУ делегација ќе се фокусираат да ѝ помогнат на Македонија да ги испорача реформите за членство во Унијата, истакнувајќи дека постои голем моментум во процесот на проширување што, како што рече, треба да се искористи.

„Факт е дека имаме нова влада во Бугарија, ги видов пораките со честитки што се разменија, што е многу добредојдено. Од наша страна, како делегација на ЕУ, ние ќе се фокусираме на помагање на државата да ги имплементира реформите. Како што веќе реков, има голем момент и голема можност за проширување на ЕУ“, констатира Рокас при посетата на општина Куманово и средбата со градоначалникот Максим Димитриевски.

Евроамбасадорот Рокас потсети дека постои интензивна дипломатска активност за евроинтеграциите на земјава.

„Премиерот веќе на двапати беше во Брисел во декември, така што има интензивна дипломатска активност во овој момент, меѓутоа, паралелно со овие дипломатски напори за надминување на прашањето со Бугарија нашиот фокус ќе биде да се фокусираме на спроведување и испорака на реформите кои исто така произлегуваат од Реформската агенда која неодамна беше усвоена од вашата Влада“, истакна евроамбасадорот.

Рокас испрати порака и дека сите заедно треба да работат, рака под рака, и ЕУ, и државата и институциите за напредок на Македонија.

Слични содржини