Постои интензивна дипломатска активност за решавање на прашањето со Бугарија, а во таа насока, лидери на Европската Унија ќе го посетат Скопје во следните месеци, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас по поставувањето на камен-темелник на македонско-грчкиот граничен премин „Маркова Нога“.
„На ниво на ЕУ напорно работиме во тесна соработка со Владата на Северна Македонија за да се надминат сите преостанати прашања пред отворањето на преговорите. Има интензивна дипломатска активност за решавање на ова прашање, високи претставници на ЕУ ќе го посетат Скопје во следниве два до три месеци, и се надевам дека ќе можеме да продолжиме напред“, рече Рокас.
Рокас додаде дека додека се работи на решавање на ова прашање, но треба да продолжат напорите за имплементирање на реформите предвидени во Реформската агенда, усвоена согласно Планот за раст за Западен Балкан.
На истото новинарско прашање, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека досега слушнал многу изјави, но дека треба да се гледаат делата.
„Се сеќавам кога високи претставници на ЕУ, придружувани од високи претставници на други земји во светот, седеа пред мене и ми велеа – името е последната работа што треба да го направите. Нормално, ние и тогаш бевме против, но и тогаш им велев дека не ја говорат вистината и дека не е последната работа. Треба да видиме дела, а дела според мене претставуваат признавање на пресудите од Судот за човекови права во Стразбур за македонската заедница во Бугарија. Јасно и недвосмислено признавање на многувековниот македонски идентитет, култура, традиција, обичаи и јазик“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Северна Македонија како држава нема проблем со другите народи и ги почитува сите свои соседи.
„Ако некој има проблем затоа што некој поголем од него му дава совети, а некој тоа го сфаќа како мешање во внатрешните работи на една суверена држава, тогаш ова што го слушаме од страна на нашиот источен сосед, ако не е мешање во внатрешните работи, не знам што е. Ние не сме народ што има проблем со други народи, напротив, ги почитуваме нашите соседи – Албанците, Србите, Грците, Бугарите – но бараме подеднакво почитување и за нас Македонците“, нагласи Мицкоски.
Известувачот на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц, при посетата на Скопје на крајот на февруари, во интервју за Агенда 35 на МРТ, изјави дека се потребни јасни гаранции од Европската комисија, Советот на ЕУ и Владата во Софија дека по усвојувањето на уставните амандмани нема да има нови блокади од Бугарија.
„Факт е дека билатералните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија се дел од преговарачкиот процес. Ни требаат јасни изјави од Европската комисија и од Советот, како и изјава од бугарската Влада, дека со вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот, билатералните прашања поврзани со преговорите се завршени и дека нема да има дополнителни барања. Кога се работи за соседски прашања, овој процес е долг. Јас сум австриски државјанин и ни требаа 50 години за да дојдеме до заедничко разбирање за нашата заедничка историја. Сите имаме историја заедно, понекогаш и многу болна историја, но треба да му го дадеме на процесот времето што му е потребно“, изјави Вајц.
Преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија продолжуваат, а посетите на високи претставници од ЕУ во следните месеци ќе бидат од клучно значење за решавање на билатералните прашања и забрзување на процесот за пристапување во ЕУ.