„Ролан Гарос“ ќе се одржи годинава

од Vladimir Zorba
288 прегледи

Отвореното првенство на Франција, најверојатно, ќе се одржи оваа година.

Претседателот на тениската федерација, Бернард Жудичели, барем го навести тоа.

Поради пандемијата од коронавирус, вториот Гренд-слем на сезоната беше одложен, а наместо во мај, треба да се случи во септември, само една недела по УС Опен.

„Разговараме со АТП, ВТА и ИТФ. Работиме на календар за крајот на сезоната. Прерано е да се зборува за специфични датуми“, рече Жудичели.

Тој истакна дека е избегнато најлошото сценарио.

„Ние го избегнавме најлошото. Не го откажавме турнирот. Само што требаше да го одложиме за неколку месеци. Најважно е што ќе се одржи натпреварувањето, дека ќе бидеме таму за фановите на тенисот. Го спасивме најважниот турнир на земја, и тоа е важно“, додаде тој.

Тој заклучи дека, доколку има „Ролан Гарос“, натпреварите ќе се играат пред публиката.