Рома ја надминува конкуренцијата за Дибала

од Vladimir Zorba
202 прегледи

Пауло Дибала конечно ќе донесе одлука за својата иднина следната недела. Репрезентативецот на Аргентина долго време се колеба околу различните понуди што ги добиваше откако стана јасно дека нема да остане во Јувентус. До денес за неговиот потпис се борат три клуба: Интер, Наполи и Рома, а најголеми шанси да го привлечат имаат „Волците“.

Рома веќе упати конкретна понуда до агентите на Дибала. Понудата е за 4-годишен договор и плата од 6 милиони евра по сезона плус одредени бонуси. Италијанските медиуми тврдат дека напаѓачот ќе го даде својот одговор во вторник и голема е веројатноста да биде позитивен.

Аргентинецот е се позагрижен што се ближи стартот на сезоната и се уште нема тим. Неговата желба е што поскоро да се реши работата и да почне да тренира за да биде подготвен за официјалните натпревари.

И покрај изјавата на потпретседателот на Интер, Хавиер Занети, дека моментално нема место за Дибала во тимот, „нероазурите“ не се откажуваат од идејата да го земат 28-годишниот поранешен ас на Палермо. Се очекува во наредните денови миланскиот гигант да излезе со конкретна понуда.

И Наполи ја следи ситуацијата, но во оваа фаза без да преземе конкретни активности.

Слични содржини