Фудбалскиот клуб Рома денеска соопшти дека 166 навивачи, кои присуствуваа на убедливиот пораз во Норвешка од Бодо Глимт, ќе добијат бесплатни влезници за финалниот натпревар од Лигата на конференциите против Феенорд во Тирана.
Клубот на тој начин им се заблагодарува на навивачите, кои беа во Норвешка на 21 октомври, кога Рома беше поразена со 6:1 од домашната екипа, во натпревар од Лигата на конференции од групата Ц.
Списокот на навивачи е формиран врз основа на податоците за продажба на билети, кои ги испратил норвешкиот клуб, изјавија од Рома.
Тренерот на Рома, Жозе Мурињо претходно изјави дека неговиот пораз од Бодо Глимт е еден од најлошите во европските натпреварувања.
Рома подоцна го елиминира норвешкиот тим во четвртфиналето на Конференциската лига.
Италијанскиот тим во четвртокот вечерта обезбеди пласман во финалето на Лигата на конференциите, откако во реваншот на домашен терен го совлада Лестер со 1-0.
Првиот натпревар во Англија заврши нерешено 1:1.
Клубот од Рим ја освои својата последна титула со освојувањето на Купот на Италија во 2008 година. Единствената меѓународна титула ја освоија во 1961 година, кога славеа во Купот на саемски градови.
Финалето од Лигата на конференциите меѓу Рома и Феенорд ќе се одигра на 25 мај во Тирана.