Во организација на Ромалитико денес се одржа протестен марш кој започна од Пластичарска и продолжи пред Основниот Кривичен суд. Ромалитико побара казната за обвинетиот да биде максимална.
– Губењето на животот на мојот син е трагедија и болка којашто ќе не следи до крајот на животот и најмалку што може судот да направи е да донесе праведна одлука за казна на сторителот. Подготвен сум да ја истерам правдата до крај, истакна таткото, Себастиан Асановски.
Обвинетиот со возило Мерцедес на 12 октомври годинава со брзина од 76 километри на час, односно 26 километри на час над дозволената брзина од пропишаната, го усмрти 10 годишниот Мануел Асановски и побегна од местото на трагедијата.
– Ги повикуваме судството и властите да ги признаат овие неправди и да преземат итни мерки за да се отстранат овие разлики. Крајно време е да се стави крај на овој дискриминаторски третман. Бараме реформи кои обезбедуваат правични судења, непристрасни пресуди и еднаков третман на сите поединци, без разлика на нивната етничка припадност, истакна Елвис Шаќири, Извршендиректор на Ромалитико.
Пред Основниот Кривичен суд од страна на лицата кои протестираа беше побарано:
– Казната затвор да биде зголемена и да се земат околностите според кои е сторено кривичното дело;
– Еднаков пристап до правда и правични пресуди за ромската заедница во случаи кога жртвата е Ром/ка
– Активно учество на ромската заедница во судската власт.
На протестниот марш учествуваа околу 800 граѓани од целата држава кои дадоа поддршка да се престане со селективната правда кон ромската заедница.
– Го подржувам и го разбирам револтот и барањето на граѓаните. Свесен сум дека истите вклучуваат и низа барања кон клучните актери во државата. Оваа пракса треба под итно да се смени и после овој протест од граѓаните и јавноста, надлежните инстанци – треба 10 пати да мерат пред да пресудат, особено во сензитивни случaи во кој што директно се влијае врз животот, достоинството и сигурноста на граѓаните и заедницата, истакна Елвис Мемети советник во Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија.