Поранешниот пратеник Амди Бајрам вчера почина од срцеви проблеми на 64-годишна возраст.
Во последните месеци имаше здравствени проблеми и му беше ампутирана ногата, по што се повлече од политиката.
По долго време пратеничка функција, сега не стана пратеник во новиот парламентарен состав.
Амди пред неколку дена правеше свадба за својата внука во Турција, поради забраната да се прават свадби и други семејни веселби во нашата земја.
Пријателот на Амди Бајрам, Аднан Мемед преку својот Фејсбук профил објави повик до сите, за последен пат да го испратат Бајрам до вечниот дом.
„Да откорнеш гранка од едно дрво многу боли, да искинеш лист од гранката може повторно да расте. Да го снема дрвото, дури тогаш се чувствува празнина. Едноставно го нема, а толку често го имаше, секогаш беше тука, што просто да не ти се верува дека повеќе го нема.
Семејството Бајрам изгуби сопруг, татко, родител, дедо. Ромската нација го изгуби својот татко, изгуби борец, изгуби патриот!!!
Амди Бајрам им помогна на сите! Амди Бајрам беше другар со сите! Соработник, пријател, партнер и народен човек!!! Ги повикуваме сите кои го почитуваат ликот и делото на Амди Бајрам! Ги повикуваме сите на кои им помогна, роднини, пријатели, политичари, бизнисмени, организации и сите Роми и не-Роми, за последен пат да го испратиме до вечниот дом, затоа што заслужува, затоа што беше голем Ром и пред се голем човек! Телото на Амди Бајрам ќе биде погребано на градските гробишта во Бутел! Поворката ќе тргне од 14.00 часот од семејната куќа во општина Бутел“, напиша Мемед.
Министерството за здравство вчера информираше дека откако кај починатиот Амди Бајрам постмортем е утврдено дека истиот бил позитивен на Ковид-19, Центарот за јавно здравје-Скопје ги презема сите мерки за заштита и спречување на натамошно ширење на инфекцијата во и вон неговото семејство и сите оние кои во изминатиот период имале интензивни и блиски контакти со починатиот.
Од страна на ЦЈЗ Скопје, согласно редовната постапка во вакви случаи, итно ќе биде спроведена епидемиолошка анкета со најблиското семејство на починатиот со цел точна и детална идентификација на контактите во изминатите денови. Со анкетата, ќе биде направена евалуација на степенот на ризик и ќе биде дадена препорака за тестирање, односно самоизолација за неговите контакти. Согласно анкетата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш ќе издаде решенија за изолација за лицата за кои таа ќе биде одредена, велат од Министерството.
МЗ изразува сочувтсво до семејството и апелира, во интерес на заштита на нивното здравје, во целост да соработуваат со надлежните служби. Дополнително, да се избегнат сите погребни ритуали, а погребот да се спроведе согласно протоколите, како превенција од натамошно ширење на инфекцијата од Ковид-19.
Амди Бајрам бил донесен во приватна болница во веќе егзитирана состојба, се наведува во соопштението. На починатиот му бил земен брис, а резултатот потврдил присуство на вирусот Ковид-19.